Социјалната мрежа "Instagram" им нуди на одбрани креатори на содржини во САД до 20.000 долари за да привлечат нови корисници на платформата, во обид да ја зајакне својата позиција во однос на конкурентите како "TikTok" и "YouTube".
Станува збор за пилот-програмата на "Instagram" наречена „Referrals“ (Препораки), која не е достапна за сите, туку само за креатори со седиште во САД, на кои прво им се обраќа самата компанија.
Програмата функционира на следниов начин: "Instagram" им плаќа на креаторите 100 долари за секој нов корисник кој ќе се регистрира преку нивниот персонализиран линк, или за секоја 1.000 посети на апликацијата преку истиот линк. Максималната исплата изнесува 20.000 долари, пренесува "Business Insider".
Целта е креаторите да бидат мотивирани да го промовираат "Instagram" на конкурентни платформи, како што се "TikTok", "YouTube", "Discord" и "Substack".
„Споделувајте го вашиот "Instagram" профил, видеа, објави, приказни и канали надвор од "Instagram"“, е пораката што ја добиваат учесниците во проектот.
Овој најнов потег на Instagram е дел од серија тестирања и стимулативни програми со цел задржување на креаторите на платформата, особено во време кога конкуренцијата нуди сè поатрактивни услови за привлекување таленти.
Шемите со препораки и бонуси брзо стануваат стандард во индустријата – TikTok неодамна започна сопствена програма за препораки, која вклучува попусти за купување и финансиски награди за поканување пријатели да се приклучат на апликацијата.