Како што "Grand Theft Auto VI" се очекува да биде објавен за нешто повеќе од една година, многумина веќе се прашуваат колку ќе чини оваа игра од "Rockstar", која се смета за една од најочекуваните игри на сите времиња.
Иако сè уште нема официјална потврда за цената, неодамнешните поскапувања кај компании како "Microsoft" предизвикаа загриженост кај фановите, кои се плашат дека купувањето на "GTA VI" во 2026 година би можело значително да го оптовари буџетот.
Минатиот месец "Microsoft" објави дека ќе ги зголеми цените на својата опрема и софтвер, а се очекува нивните игри до крајот на годината да чинат 80 долари. Тоа е значително поскапување, па не изненадува што обожавателите кои со нетрпение го очекуваат новиот дел на "Grand Theft Auto" се загрижени.
Сепак, неодамнешен коментар на извршниот директор на "Take-Two Interactive", Штраус Зелник, можеби барем делумно ги смири тие стравови.
"Take-Two", матичната компанија на "Rockstar" и издавач на "GTA", ќе има клучна улога во определувањето на цената на "GTA VI", па изјавата на Зелник внесе доза на оптимизам кај обожавателите на играта.
„Цените се одредуваат на ниво на издавач, во контекст на секое поединечно издание“, изјави Зелник. „Веќе долго време имаме разновидни цени. Како што веќе сум рекол, ние сакаме да се фокусираме на вредноста. Сакаме на корисниците да им понудиме значително поголема вредност од она што го плаќаат. Тоа е нашата задача. Тоа мораме да го исполниме и тоа е нашиот фокус, а не некоја ценовна граница“.
Корисниците на "X" (поранешен Twitter) веднаш почнаа да ги коментираат овие зборови.
Еден корисник напиша:
„Можеби Зелник игра паметно и засега нема да оди со цена од 80 долари, туку прво сака да види како ќе поминат другите игри по таа цена.“
Друг додаде:
„Можат и 200 долари да побараат за "GTA VI", луѓето пак ќе ја купат.“