Егзодусот во Реал продолжува: Трет фудбалер за еден ден го потврди заминувањето

Макфакс

23/05/2025

09:31

5.132

Големина на фонт

а а а

Најголема спортска вест вчера беше официјалната најава за заминување на Лука Модриќ од Реал Мадрид по 13 години. Капитенот на хрватската репрезентација се прости од клубот со емотивна порака, додека Реал се реши да се насочи кон подмладување на тимот. Покрај него, и Лукас Васкез го најави своето заминување, а сè се случува под водство на новиот тренер Хаби Алонсо.

Како што пишуваат шпанските медиуми, Алонсо го гради новиот, подмладен Реал, а 34-годишниот шпански универзалец Васкез не се вклопува во таа визија. Но, овие две заминувања не се единствени – истиот ден беше објавено дека и Хесус Ваљехо нема да биде дел од Реал од следната сезона.


Дојде пред 10 години, сега си заминува

Станува збор за 28-годишен централен дефанзивец, поранешен голем шпански талент. Иако никогаш не се етаблираше како важен играч во Реал, Ваљехо е дел од клубот уште од 2015 година, кога пристигна од Сарагоса за 5 милиони евра. Во меѓувреме настапуваше на позајмици во Ајнтрахт Франкфурт, Вулверхемптон и Гранада.


Во својата кариера има 34 настапи за Реал, постигна еден гол и една асистенција. Оваа сезона, поради големи проблеми со повреди во тимот, три пати настапи во Ла Лига, вклучително и на последните две кола. Договорот со клубот му истекува на крајот од јуни, а според „Transfermarkt“, неговата вредност е проценета на 1 милион евра.