Со цел да спречи дополнително да си го загрози здравјето до точка кога повеќе нема да може ни да стане од кревет, Маја решава да го промени својот живот од корен.
Маја Радановиќ, Србинка која како дете се преселила во Америка, развила зависност од храна поради комплицираниот однос со родителите, особено со мајка ѝ.
Храната ѝ давала чувство на сигурност. Но, стигнала до момент кога секое утро се буди прашувајќи се дали нејзиното тело ќе издржи уште еден ден. Во емисија посветена на решавање на проблемите со екстремна дебелина, која се емитува на "TLC", Маја го сподели својот пат кон оздравување и обидот да се соочи со прејадувањето. Таа има 33 години и тежи повеќе од 270 килограми.
„Кога ќе се разбудам наутро, прво му се заблагодарувам на Бога што телото не ме изневерило во текот на ноќта. Моето здравје е многу лошо и моето тело секој момент може да ја достигне границата. Ситуацијата само се влошува. Често ми се случува да не можам ни да се натерам да се истуширам, иако знам колку е важно да ја одржувам хигиената. Со оваа тежина постои огромен ризик од инфекции поради триење на делови од телото. По туширањето сум толку исцрпена што едвај успевам да облечам долна облека, а потоа го повикувам моето момче, Кристијан, да ми помогне да се облечам“, изјави Маја во емисијата.
За да спречи да го доведе телото до критична состојба, одлучила драстично да ја промени исхраната и да се ослободи од навиката на прејадување.
„Постојано мислам на храна, не можам да ѝ се спротивставам. Кристијан ни не знае колку јадам — често му велам дека треба да завршам некоја работа, а всушност одам да купам храна. Храната ме исполнува. Ништо во мојот живот не може да се спореди со тоа чувство. Не знам што би помислил за мене ако знаеше колку навистина јадам“, рече Маја.
Со поддршка од својот партнер, Маја отпатувала во болница во Хјустон кај доктор специјалист за екстремна дебелина, кој можеби е нејзината последна надеж. Од него добила строга диета на која мора строго да се придржува за да изгуби килограми. Првата цел е губење на 45 килограми за два месеца.