[ВИДЕО] Морничава снимка од имплозијата на „Титан“ – жената не знаела дека ѝ умира сопругот: „Што беше тоа?“

Точка

24/05/2025

10:28

3.979

Големина на фонт

а а а

При нуркањето на подморницата „Титан“ во јуни 2023 година загинаа пет лица, а во нов документарец се слуша кобниот момент на имплозијата.

Британскиот "BBC" доби ексклузивен увид во истрагата на Американската крајбрежна стража (USCG) за несреќата со подморницата „Титан“, чија имплозија во јуни 2023 година ги однесе животите на петмина патници. Во документарецот „Implosion: The Titanic Sub Disaster“ се објавени нови информации што откриваат детали и за претходните знаци на предупредување.

„Титан“ имплодирал околу 90 минути по почетокот на нуркањето кон остатоците на „Титаник“, кои се наоѓаат на длабочина од 3.800 метри. Во подморницата се наоѓале извршниот директор на компанијата "OceanGate", Стоктон Раш, британскиот истражувач Хамиш Хардинг, францускиот нуркач Пол-Анри Наржеоле, британско-пакистанскиот бизнисмен Шахзада Давуд и неговиот 19-годишен син Сулејман.

На снимка што ја обезбеди "BBC" се гледа моментот кога Венди Раш, сопруга на Стоктон Раш и директорка во "OceanGate", од командниот брод го слуша звукот на имплозијата и прашува: „Што беше тоа?“ Во тој момент, подморницата се наоѓала на длабочина од 3.300 метри.

Звукот, кој личел на трескање од врата, всушност бил моментот кога подморницата имплодирала. Наскоро по тоа, таа примила порака од „Титан“ дека се ослободиле од два баласта, што ја навело екипата на бродот да помисли дека нуркањето се одвива според планот. Сепак, "USCG" потврди дека пораката била испратена непосредно пред имплозијата, но пристигнала дури по неа – звукот патувал побрзо.

Вработени предупредувале на опасноста

Пред кобното нуркање, експерти и поранешни вработени во "OceanGate" предупредувале на дизајнот на подморницата „Титан“. Еден од нив ја опишал како „обликувана грешка“ и рекол дека катастрофата била „неизбежна“.

„Титан“ никогаш не поминал независна безбедносна проверка, а главна причина за загриженост бил трупот – централниот дел на подморницата во кој се наоѓале патниците – изработен од слоеви на карбонски влакна помешани со смола.

"USCG" верува дека слоевите од карбон на трупот почнале да се распаѓаат за време на едно од претходните нуркања до „Титаник“ – токму на 80-то нуркање, изведено една година пред катастрофата.


Патниците на тоа нуркање пријавиле дека слушнале силен удар додека подморницата се враќала на површината. Тогаш, Стоктон Раш им рекол дека тоа бил само звукот на подморницата која се прилагодува на притисокот. Меѓутоа, податоците од сензорите вградени во „Титан“ покажале дека ударот бил предизвикан од деламинација, односно раздвојување на карбонските слоеви.

„Деламинацијата за време на 80-то нуркање беше почетокот на крајот“, изјави потпоручничката Кејти Вилијамс од "USCG".

„Секој што по тоа стапнал во Титан го ризикувал својот живот.“, додала таа.

„Влегувањето во Титан е како руски рулет“

До јуни 2023 година, „Титан“ извршил уште три нуркања со патници – две до „Титаник“ и едно до блискиот гребен.

Бизнисменот Ошин Фенинг бил патник во последните две нуркања пред трагедијата.

„Ако ме прашате дали би влегол повторно знаејќи го сето ова денес – не би. Многу луѓе не би влегле. Многу интелигентни луѓе ги загубија животите, а да ги знаеле сите факти, никогаш не би се качиле“, изјави тој за "BBC".


Истражувачот на големи морски длабочини Виктор Весково изјави дека имал сериозни сомнежи во безбедноста на „Титан“, и дека ги советувал другите да не влегуваат во подморницата.

„Ги предупредив дека влегувањето во таа подморница е како руски рулет. Лично му реков на Стоктон Раш дека верувам оти е само прашање на време кога ќе дојде до катастрофален дефект“, рекол тој.