Доколку се најдете во оваа европска земја и притоа невнимателно зјапате во мобилниот телефон додека одите, покрај потенцијалната повреда, може да заработите и казна.
Туристите кои ќе се движат низ шпанските улици занесени во своите телефони би можеле да се соочат со високи казни – дури и до 200 евра. Шпанските власти започнаа нова кампања против таканаречените „телефонски зомби“, сè почеста глетка на пешаци кои се движат невнимателно додека гледаат во екраните на своите уреди.
Директоратот за сообраќај на Шпанија (DGT) предупреди дека ваквото однесување претставува сериозен ризик и за пешаците и за другите учесници во сообраќајот. Новите правила предвидуваат казни од 80 евра за користење мобилен телефон при одење, особено во близина на коловози или на пешачки премини, додека преминувањето на улицата надвор од обележаните премини може да чини до 200 евра.
Во директна порака објавена на социјалните мрежи, „DGT“ порача:
„Користете ги пешачките премини, тие се таму со причина. Не гледајте во телефонот додека ја преминувате улицата, дури ни за селфи. Очите горе, нозете долу и преминувајте само кога е безбедно за вас и за возачите. Почитувајте ги сообраќајните сигнали. Држете се подалеку од автопатишта и експресни патишта, тие се за тркала, а не за нозе.“
Властите нагласуваат дека оваа мерка е клучна за „безбедното движење на сите учесници во сообраќајот“.
Особено се предупредуваат туристите што ги посетуваат популарните дестинации како што е Мајорка, каде што притисокот врз локалните власти се зголемува поради сообраќајните метежи и несреќите во кои учествуваат и пешаци. Ситуацијата би можела да стане уште покомплицирана доколку се усвои предлогот кандидатите за добивање возачка дозвола да можат да вежбаат возење со искусни возачи, а не исклучиво со инструктори.
Додека шпанските улици стануваат сè попредизвикувачки и за возачите и за пешаците, пораката на тамошните власти е јасна: обрнете внимание на сообраќајот, а не на екранот, или вашиот одмор може скапо да ве чини.
Патем, ова не е единствената забрана што се однесува на однесувањето на туристите во Шпанија. На пример, правилата за бучава се заострени во Аликанте, па оние што ги кршат новите градски прописи за тишина можат да бидат казнети со речиси 30.000 евра, дури и за гласно однесување.