Трамп: Одлуката за воведување царини од 50 отсто за ЕУ даде успех

Макфакс

27/05/2025

21:26

500

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека неговата одлука да воведе царина од 50 проценти врз Европската Унија била успех, тврдејќи дека тоа го поттикнало блокот да ги забрза преговорите, објави „Политико“.

„Исклучително сум задоволен од одредбата за царина од 50% за Европската Унија, особено затоа што тие ги одложуваат (благо речено!) нашите преговори со нив“, напиша Трамп на социјалната мрежа Truth Social.

„Информиран сум дека ЕУ повика брзо да се закажат датуми за состаноци. Ова е позитивен развој на настаните и се надевам дека, конечно, како што ја замолив Кина да го стори тоа, ќе ги отвори европските земји за трговија со Соединетите Американски Држави. „И двете (држави) ќе бидат многу среќни и успешни, ако го сторат тоа!!!“, додаде тој.

Изјавата доаѓа по релативното смирување на односите меѓу Брисел и Вашингтон, откако разговорот меѓу Трамп и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во неделата доведе до одложување на воведувањето царина од 50 проценти за сите европски стоки од 1 јуни до 9 јули.

Разговорот означи позитивен пресврт во преговорите меѓу двете страни, по месеци растечко европско незадоволство од неуспехот на Вашингтон да ги прифати предлозите на блокот и наместо тоа да бара еднострани отстапки.

„Разговорот меѓу Трамп и фон дер Лајен во неделата даде нов импулс на преговорите меѓу двете страни“, изјави вчера Паула Пињо, главната портпаролка на Европската комисија.

„И ќе продолжиме оттаму“, рече Пињо. „Позитивно е да се види дека има ангажман и на претседателско ниво, а од наша страна секогаш сме велеле дека сме подготвени да постигнеме договор.“