Меџити за справувањето со линданот во ОХИС: Останува уште многу работа за целосно отстранување на опасниот историски отпад

Макфакс

30/05/2025

16:20

146

Големина на фонт

а а а

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска предводеше координативен состанок со претставници на Канцеларијата на Обединети Нации за проектни услуги (УНОПС), како и домашни и меѓународни експерти. На состанокот се разгледаа тековните активности за ископување и резултатите од последните истражувања за преостанатите количини на линдан отпад во малата депонија во кругот на поранешниот комплекс ОХИС.

Главната цел на дискусиите беше разгледување и усогласување на можните решенија и стратегии за целосно завршување на ремедијацијата на оваа контаминирана локација.

Меџити истакна дека Министерството за животна средина и просторно планирање, заедно со Владата, остануваат посветени на имплементацијата на одржливи и ефективни решенија, како и обезбедување на потребните финансиски средства за надминување на овој долготраен и комплексен еколошки проблем кој ги засега жителите на Скопје и пошироката околина.

„Овој предизвик не е само одговорност на Министерството или Владата, туку на целата држава. Иако процесот на чистење е веќе започнат, останува уште многу работа за целосно отстранување на опасниот историски отпад“, потенцираше Меџити. Тој нагласи дека ова наследено загадување сериозно влијае врз здравјето на граѓаните, како и на квалитетот на воздухот, почвата и водата.

Министерот подвлече дека целосната санација и обнова на поранешната локација на хемиската индустрија ОХИС претставува не само техничка, туку и морална и институционална обврска кон сегашните и идните генерации.

Процесот на чистење на малата депонија со линдан е сложен и финансиски интензивен проект, кој се реализира со поддршка од Мулти-партнерскиот еколошки фонд.