Денес, на оваа престижна меѓународна платформа, се собираме со чувство на одговорност, но не само како претставници на различни нации и држави, туку првенствено како носители на заеднички идеали – идеали што ги обележаа најсветлите моменти во историјата на човештвото, иостакна премиерот Христијан Мицкоски во Будимпешта.
„Доаѓам од Балканот, од држава којашто е во срцето на Балканот, со длабоки корени, но и со јасна визија за иднината. Доаѓам од место во кое вековите нè научија дека вистинската сила доаѓа од верноста кон вечните вредности со кои никогаш не смее да се прават компромиси. Живеејќи во времиња, кога лажните наративи се обидуваат да ги избришат или да ги релативизираат нашите национални идентитети, ние сме тука за да го потврдиме спротивното. Патриотизмот не е некаква ретро-идеја, туку единствениот пат кон просперитетна иднина. Македонија, иако мала, никогаш не се откажала од својот идентитет“, нагласи Мицкоски.
Потенцира дека ја цениме поддршката на нашите стратешки партнери, како што е и Унгарија, чиј пример, како што рече, нè инспирира уште повеќе да ги застапуваме вредностите во кои веруваме.
„Да не ги заборавиме нашите пријатели кои ги штитат овие вредности. Нашиот пријател премиерот Виктор Орбан е еден од лидерите кои ги промовираат вредностите во Европа и за чија активна улога треба да биде поддржан и поздравен. Тоа е политика на цврсти основи и политика каде зборот е збор, цврст како карпа. И му благодарам за тоа. И ветриштата на промени кои ги започна администрацијата на претседателот Трамп е политика на раст и враќање на надежта“.