Кинески параглајдерист, кој поради силен воздушен струеж ненамерно се издигнал на над 8.000 метри височина, доби шестмесечна забрана за летање, откако видеото од неговото драматично искуство стана вирално на социјалните мрежи, пренесе „Јуроњуз“.
Пенг Јуџианг полетал од надморска височина од околу 3.000 метри во планинскиот венец Ќилијан, во северна Кина. Таму планирал само да ја тестира половната параглајдерска опрема што неодамна ја купил, без намера навистина да полета, се вели во извештајот на Провинциската асоцијација за воздухопловни спортови на Гансу.
Но, околу 20 минути по почетокот на вежбата, го зафатил силен струеж што го подигнал на над 8.000 метри – височина која се совпаѓа со рутите на комерцијалните авиони и е речиси еднаква на врвот на Монт Еверест.
На снимката од камерата монтирана на неговата опрема, Пенг се гледа високо над облаците, целосно замрзнат, додека температурата се спушта на -35 целзиусови степени.
Во друго видео, снимено веднаш по слетувањето, Пенг со насмевка го раскажува своето неверојатно искуство.
„Рацете ми беа вкочанети. Се обидував да комуницирам преку радио“, рече тој.
Иако има околу пет години искуство во параглајдерство, Пенг не го пријавил летот, бидејќи немал намера да полета од земја. Затоа неговото дејствување не било во согласност со правилата и доби забрана за летање во траење од шест месеци.
Сепак, надлежните го пофалија за неговата прибраност, нагласувајќи дека се работи за несреќен случај.
„Обична личност не може да издржи на висина од 8.000 метри без кислород, па вакво нешто не може да се направи намерно“, изјави претставник на спортскиот биро за „Гардијан“.
Во официјалниот извештај Пенг навел дека бил во воздух повеќе од еден час и дека сè време одржувал контакт по радио со својот пријател Гу Жимин, кој останал на земја. Иако се обидувал да се спушти, тоа не му успевало. Како што се искачувал сè повисоко, станал дезориентиран и накратко ја изгубил свеста. На крајот успеал да слета на околу 30 километри од местото на поаѓање, каде што го пречекале Гу и уште еден пријател.
Гу подоцна го објавил видеото од летот и снимките направени по слетувањето на кинеската верзија на ТикТок, Дувин, каде што видеото брзо стана вирално. Снимката предизвика шок и восхит кај гледачите, некои тврдеа дека можеби е соборен рекорд, но и негодување кај властите.
„Гу Жимин без дозвола го објавил видеото од летот, со што оставил негативен впечаток. Добил шестмесечна забрана за летање и му е наложено да напише извештај со длабока анализа на последиците од своето однесување“, стои во извештајот.
Надлежните соопштија дека можниот рекорд што Пенг можеби го соборил нема да биде признаен, бидејќи летот не бил официјално регистриран.
Инаку, неговото достигнување се доближи до светскиот рекорд од 2007 година, кога германската параглајдерка Ева Вишњевска, за време на лет во Австралија, со помош на сличен струеж се искачила на 9.946 метри. Таа била во несвест околу 40 минути и дури по безбедното слетување дознала колку високо летала.