Трибина за Оперативниот план 2025: Да се запре иселувањето на младите, луѓето во социјален ризик да се вработат

Макфакс

31/05/2025

14:26

224

Големина на фонт

а а а

Младите да најдат работа во Македонија, да се запре иселувањето и да им се помогне на луѓето во социјален ризик да стекнат нови вештини и да се вработат – ова се дел од мерките на Оперативниот план 2025. За заинтересираните подобро да се запознаат со можностите, во Владата денеска се одржа трибина „Визија за промена“, на која дискутираа министерката за образование и наука Весна Јаневска, заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, и директорот на Агенција за вработување, Сељатин Бељули.

Јаневска потенцира дека Оперативниот план ќе понуди доедукација, доквалификација или преквалификација на 600 луѓе за што се предвидени 70 милиони денари. Целта е тие да може да се вклучат на пазарот на труд и мерката МОН ќе ја спроведува во соработка со Центарот за образование на возрасни кој ќе организира кратки обуки од три месеци за што ќе бидат објавени огласи.

„Пријавените ќе добиваат 12.000 денари месечно, а обуките ќе ги спроведуваат акредитирани организации кои веќе имаат искуство и кадар. Тие што ќе бидат избрани да ги спроведуваат обуките ќе добиваат по 30.000 денари месечно“, кажа министерката.

Јаневска посочи дека поентата е да се вклучат невработените и повозрасните на пазарот на труд зашто јавна тајна е дека ние во моментот имаме недостиг од работна сила.

„За жал, иселувањето од земјата е огромна и со голема тага кажувам дека во изминатите седум години изгубивме 17.000 ученици и 7.000 студенти, што за мала земја како Македонија може да биде погубно ако тој тренд продолжи“, вели таа.

Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, рече дека Оперативниот план 2025 опфаќа и стимулативни мерки за маргинализираните категории граѓани, како приматели на гарантирана минимална помош, лица со инвалидност, жени Ромки, жртви на семејно насилство.

„Тенденцијата на Владата е да се намали бројот на невработени и преку овие мерки може да го постигнеме тој ефект многу побрзо и поефикасно. Ќе ги мотивираме примателите на ГМП да најдат вработување, буквално да им помогнеме и со индивидуални планови како Министерство и центри (за социјална работа) и со тоа да ги извадиме од сиромаштија и да станат навистина независни“, кажа Велковски.

Сељатин Бељули, директор на Агенција за вработување на Република Северна Македонија, информира дека активно се подготвуваат за спроведување на мерките.

„Јавните повици ќе се објават со план и роковник што ќе го определиме и дефинираме. Чекаме решение од Комисијата за заштита на конкуренција која е надлежна да донесе решение доколку некоја од активните мерки се коси со законот и кога ќе го добиеме ќе почнеме со реализација“ соопшти Бељули.

Како што рече, влијанието и ефикасноста на мерките ќе се следи преку индикатори на реализација кои се дефинирани во секоја одделна мерка во самиот Оперативен план. Транспарентноста на целиот процес, пак, ќе ја гарантира комисија за избор со членови од девет институции.

Оперативниот план за вработување за 2025 година е вреден 40 милиони евра. Опфаќа над 16 илјади невработени, а 65% од овие лица се очекува да бидат млади до 29 години.