Шукова: Прв заштитен од Коцевски и Мицкоски за Кочани е Дејан Салтировски

Макфакс

31/05/2025

15:08

1.050

Големина на фонт

а а а

Власта која ја зави Македонија во црно се испречи на патот на правдата за најголемата трагедија во поновата македонска историја, пожарот во дискотеката Пулс во кој 62 деца го загубија својот живот, а 200 беа повредени, рече денеска на прес-конференција Каја Шукова, потпретседателка на СДСМ.

„Христијан Мицкоски ги искористи сите механизми на власта, закани, уцени и присоци со единствена цел да ги заштити своите луѓе, односно оние кои се најодговорни за трагедијата која го снајде Кочани, а тоа се актуелните функционери на власта. Токму обвинителот Љубомир Коцевски кој беше под закана дека ќе биде сменет од актуелната власт, вчера ја затвори истрагата без ниту еден осомничен или обвинет актуелен функционер на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Со што ли го држи Мицкоски Коцевски под своја целосна контрола? СДСМ остави простор истрагата да биде завршена целосно и се надеваше дека ќе има правда. Денес е јасно дека правда нема. Ниеден од актуелните финкционери не е обвинет! Од денес ги поставуваме клучните прашања и ги изнесуваме клучните докази кои очигледно се кријат за да се заштитат оние од власта. Прво заштитено лице е Дејан Салтировски“, рече Шукова.

Таа упати неколку прашања до Обвинителството.

„Дали постои пишана наредба за акциска контрола во која стои дека вратите на дискотеката Пулс треба да бидат затворени? Ова е спротивно на стандардните операциски процедури. Прашуваме кој бил потпишан на таквата наредба? Зошто ако обвинителството поседува ваков документ нема ниту еден обвинет актуелен полициски функционер од таа вечер? Понатаму, Обвинтелството и Власта мора да одговорат зошто нема обвинение против тогаш актуелниот началник на СВР Штип, Дејан Салтировски? Тој знаел или морал да знае дека во наредбата за акциска контрола спротивно на СОП стои дека ќе бидат затворени вратите во дискотеката Пулс?! Понатаму, зошто обвинителството не го објави јавно видеото на кое се гледа началникот на СВР Штип, Дејан Салтировски во периодот 12:30 до 01:20 част пред дискотеката Пулс во Кочани. Дали обвинителството го запраша Салтировски што барал во овој период пред дискотеката и зошто полицијата не влегла да врши акциска контрола како што било предвидено во 12:30 часот кога започнува забавата наместо на крајот од истата? Дали Дејан Салтировски во меѓувреме фалсификувал документација дека вечерта не бил на работа или за тоа постојат конкретни докази? Дали Дејан Салтировски е заштитен од кривичен прогон затоа што ее во кумовска врска со Орце Тодоровски – Ефто еден од најблиските соработници и бизнис партнери на Христијан Мицкоски со кој градеше хидроцентрални и кој беше обвинет за милионски криминал во случајот Делчевски ниви? Дали Дејан Салтировски е заштитен лично од Панче Тошковски кој што бил негов адвокат и не само што правно го застапувал туку како вработен во гранична полиција на полицајците им нудел потпишано полномошно од адвокат Панче Тошковски со цел да испумпуваат пари од буџетот на државата? Дали е точно дека Дејан Салтировски подолго време не можел да добие безбеносен сертификат и ако е така како е можно да биде поставен на една така висока позиција во МВР?“, праша Шукова.

Таа нагласи дека одговорност мора да има и најави дека СДСМ и понатаму ќе продолжува да објавува информации со кои располага.

На прес-конференцијата на Каја Шукова реагираше ВМРО-ДПМНЕ.

„Иако не ја оправдуваме, ја разбираме безидејноста на СДС и нивниот лидер Филипче да се оттргне вниманието од одговорноста во случајот со модуларната болница преку злоупотреба на трагедијата во Кочани.

Таму е жив фатен и факт е дека Филипче е човекот кој треба да лежи затвор што 14 луѓе живи изгореа во случајот модуларна болница. Таму основата на се е што за Филипче провизиите беа најважни и тие чинеа животи.

Затоа денес им треба дефокус со случајот Кочани, каде некрофилијата на СДС ги достигнува врвовите на нечовечноста и политичкото безобразие.

За тоа кој треба да одговара во Кочани одговорно е обвинителството, и нема баш никакво право за тоа да говори Филипче или СДС кои се директно одговорни за модуларната болница, но и 10 илјади загубени животи во Ковид кризата.

Но она на што треба да одговори денес СДС е зошто Венко Филипче дозволил градба на модуларната болница во која не смеело да се обавува здравствена дејност?

Спорна е техничката спецификација, која ја прави одговорното лице назначено од Венко Филипче, каде што подоцна се констатира, дека не е во согласност со ниту еден стандард за изградба на објекти од областа на здравството. Не се почитувале Законот за градење и Законот за здравствена дејност, и не се почитувале минималните технички стандарди за заштита од пожари и експлозии.

Исто така многу важно за овој случај, е што овие болници се набавени и поставени како стоки, а стоки во ниту еден случај не можат да бидат користени како објект во кој се обавува здравствена дејност!

Пред да се случи пожарот во модуларната болница каде што загинуваат 14 наши сограѓани, наместо да се подобрат стандардите на болниците, Министерството за транспорт и врски, по предлог на Владата, го промениле законот за градење по итна постапка, со цел овој тип на објекти да ги преместат во урбана опрема за чие поставување одобрение ќе издава МЗ или тогашниот министер, Венко Филипче.

Овие болници не се запишани во катастар, немаат добиено одлука од Влада за трајно користење и немаат одобрение за употреба по правилник за простор опрема и кадар.

За овие работи, има евиденција во проектната единица во МЗ и истата е предадена на Јавното обвинителство за организиран криминал на ден 12.12.2023. Зошто до сега не е реагирано?

Венко Филипче треба да одговори на сите овие констатации. Факт е дека Филипче и СДС се синоним за неспособност, криминал и предавства“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.