МЗТ Скопје ја продолжи доминацијата во мак-баскетот и заслужено стигна до шеста последователна титула во најсилното кошаркарско друштво, откако во понеделникот го победи ТФТ по третпат во финалната серија.
„Металците“ вкупно ја освоија 12-та титула во домашното првенство и нивната доминација полека прераснува во династија во македонската кошарка, а и оваа година заслужен за успехот е тренерот Васко Атанасов кој ги обедини трите титули на домашната сцена.
МЗТ славеше и во Купот и Суперкупот и комплетираше една извонредна сезона, по која младиот стручњак Атанасов нагласува дека останува максимално фокусиран на случувањата во клубот и моментално нема амбиции за премин во македонската репрезентација.
Како гостин во отвореното студио на „Спортското радио 90,3 фм“, тренерот на МЗТ излезе со свои видувања на цела натпрeварувачка сезона и доминацијата на неговиот тим.
– Освен почетокот на сезоната кога имавме осцилации, во продолжение имавме добра сезона во која ја освоивме тројата круна на домашната сцена. Оваа сезона беше поразлична од претходните, овојпат имавме само двајца странци во тимот и првпат после долги години некој освои титула со само двајца странски кошаркари. Оваа сезона е поразлична само поради тој факт и оваа титула беше најмила за мене.
– ТФТ направи голем успех што се пласираше во финалето, тоа е релативно млад клуб на нашата сцена, но добро работи и организациски и играчки. Ние бевме поквалитетни, сите очекуваа да победиме со 3:0, но ете загубивме на еден натпревар во Кале. МЗТ постави добар пример за проблемот кој се наметнува во македонското првенство со чести промени на ростерите. Оваа сезона немавме големи промени во играчкиот ростер, се разделивме само со двајца странци и не доведовме нивни замени. Товарот го преземаа домашните играчи и тоа ми е посебно мило. Мое размислување е дека Првата лига во наредните години мора да се скрати, треба да има помалку екипи и да се работи на квалитет, а не на квантитет, – изјави Атанасов, кој за крај порача дека нема аспирации да биде иден македонски селектор.
– Не, сега за сега немам аспирации за селекторското место. Предизвикот останува на клупски план, на МЗТ Скопје. Јас како тренер и МЗТ како клуб секогаш ќе стоиме на служба на репрезентацијата, ќе произведуваме кошаркарки кои ќе играат за националниот тим. Новиот селектор го чека макотрпна работа, а кој и да биде тоа, му посакувам успешен мандат, – изјави за крај Атанасов.
Целото интервју слушнете го ТУКА.