Мерц влегува во „дувлото“ на Трамп: Несогласувањето е огромно, ќе успеат ли да се договорат?

Точка

05/06/2025

20:04

1.501

Големина на фонт

а а а

Германскиот канцелар Фридрих Мерц за прв пат денес ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, обидувајќи се да развие личен однос со него и покрај претходните несогласувања околу војната во Украина и царините.

Еден месец по преземањето на функцијата, 69-годишниот Мерц, цврст застапник на трансатлантската соработка, сака да ги сочува добрите односи со „неопходниот“ повоен сојузник на Германија и покрај политиката на Трамп „Америка на прво место“.


Германскиот канцелар се надева дека неговите ветувања за значително зголемување на трошоците за одбрана ќе го задоволат Трамп и дека двајцата ќе успеат да најдат заеднички јазик околу руската агресија врз Украина, особено откако републиканскиот претседател почна да изразува сè поголемо незадоволство од рускиот претседател Владимир Путин.

Европа мора да биде самоуверена

Зборувајќи за заканата на Трамп за царини за Европската Унија, лидерот на најголемата европска економија рече дека Европа мора да биде самоуверена во преговорите со Вашингтон, а не да го „моли“.

И покрај тензиите, Мерц рече дека со нетрпение го очекува својата прва средба лице в лице со Трамп.

„Нашиот сојуз со Америка бил, е и ќе биде од клучно значење за безбедноста, слободата и просперитетот на Европа“, напиша тој на платформата Икс доцна во среда.

Неговиот кабинет изрази уверување дека Мерц ќе биде поштеден од јавни критики што Трамп им ги упати на украинскиот претседател Володимир Зеленски и јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса во Овалната соба.


Мерц ја очекува средбата со Трамп „со смиреност и радост“, рече неговиот портпарол Стефан Корнелиус, додавајќи дека досега имале „многу добар однос“.

„Германија е трета најголема економија во светот и имаме многу да понудиме како економски партнер за Соединетите Американски Држави“, продолжи портпаролот.

„Истовремено, многу конструктивниот и позитивен однос со Америка е исклучително важен за нас, за нашата економија и за безбедноста на Германија и Европа“, додаде тој.

Одбрана и трговија

Мерц неодамна се пошегува на сметка на Трамп, велејќи дека секој втор или трет збор што го кажува републиканецот е „одличен“. И покрај наводно топлиот однос меѓу двајцата лидери, споровите што мора да ги решат се потенцијално експлозивни.

Еден од нив се високите царини што во април Трамп ги објави на речиси целиот свет, а за ЕУ тие требаше да изнесуваат 50%.

Мерц, член на голем број управни одбори на корпорации, „исто така е многу искусен во бизнисот – светот од кој доаѓа Трамп“, истакна шефот на кабинетот на канцеларот, Торстен Фрај.


Во врска со прашањето за војната во Украина, во која Германија силно го поддржува Киев, Мерц се надева дека ќе го убеди Трамп да го зголеми притисокот врз Путин преку нови санкции.

Трамп неодамна ги изрази своите фрустрации од рускиот лидер, нарекувајќи го „луд“, но не најавувајќи нови мерки.

Средбата со Мерц се одржува во пресрет на самитот на Г7 во Канада од 15 до 17 јуни и самитот на НАТО во Хаг на крајот од месецот.

Германскиот канцелар рече дека Берлин е подготвен да ги зголеми трошоците за одбрана на 3,5 проценти од БДП во наредните години, со уште 1,5 проценти за зајакнување на безбедносната инфраструктура.


Друга точка на несогласување е поддршката на Трамп и членовите на неговата влада за Алтернатива за Германија (AfD), која заврши втора на изборите во февруари.

Потпретседателот на САД Џеј Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио и поранешниот советник на Трамп, Елон Маск, ја поддржаа партијата, со која ниедна политичка партија во Германија не сака да соработува.

Домашната разузнавачка служба на Германија неодамна ја означи АфД како „десничарска екстремистичка“ група, што Рубио го нарече „тиранија под маска“.


Мерц ги отфрли „апсурдните забелешки“ од Вашингтон и рече дека сака да ја „охрабри американската влада“ да се држи подалеку од германската внатрешна политика.

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул, исто така, отворено го искритикува Трамп и рече дека републиканецот честопати давал изјави „насочени против темелите на нашиот соживот“.