Арсовска до Елмази: Ќе ти објаснам уште еднаш ама читање до 4 одделение се учи

Макфакс

05/06/2025

21:02

1.504

Големина на фонт

а а а

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, му одговори на Мухамед Елмази од Влен, дека Градот нема надлежност во Сарај.

„Мухамед Елмази бидејќи се закануваш, ајде за тебе ДУИ побегуљо ќе појаснам уште еднаш. За тоа што бараш да постапувам во Сарај, е исто како да бараш да одам во Битола или Тетово, немаме таму за жал надлежност за дивоградби.

Ќе ти објаснам уште еднаш ама читање до 4 одделение се учи, ако не си разбрал првиот пат кога ти пишав, за жал нема да разбереш никогаш!

1. Град Скопје нема надлежност над Сарај за дивоградби затоа што законот е за градби до 2011, а Сарај влегува во Генерален урбанистички план во 2012 година.

2. На седницата на Совет на Град Скопје барав дискусија за отварање на незаконски дивоградби за СИТЕ скопски општини, ама твоите другарчиња побегнаа страв им е И ЗА САРАЈ И ЗА ЧАИР да се дискутира.

3. Во Чаир ТИ живееш во незаконска дивоградба стан ГРАТИС, слушам си плачел по дома дека си фатен, а ЕДЕН ОД ЕКИПАТА ОД ОПШТИНА ВЕЌЕ ВИ ИЗБЕГАЛ ВО КОСОВО“, напиша Арсовска на Фејсбук.

Ти си дел од оние што од ДУИ за директорско место во државното НОМАГАС пребега во ВЛЕН, додава Арсовска, а сега откако сте фатени во криминал слушам цело друштво ќе станете комити и ќе преминете во ВМРО.

„Ќе ставите со Ганиу, Меџити и Адеми црвени беретки и ќе тргнете накај Мечкин Камен, само да се спасите од криминалот. ЗБОРУВАМ СО ФАКТИ, ИМАМ ДОКАЗИ ЗА СЀ И НЕ СЕ ОТКАЖУВАМ! Така пренеси им на другарчињата“, напиша Арсовска.

Елмази, по неговата прес – конференција, објави статус на Фејсбук, во кој ја обвини Арсовска дека молчи во врска со обвинувањата за бесправен објект во општина Сарај.

„Поминаа 24 часа и сè уште ја нема никаде Данела да одговори за зградата во Сарај. Дали тој џиновски објект без дозвола, кој го изложив на фотографија, му припаѓа на твојот пријател и бизнис партнер Блерим Беџети? Имаш ли удел во неговата ‘империја’ или само те плаќа за да држиш прес-конференции?“, прашува Елмази во својата реакција.

Тој додава дека градот Скопје се соочува со алармантна состојба на нечистотија и недостиг на хигиена, особено пред празникот Бајрам, опишувајќи ја ситуацијата како „гушење во ѓубре како никогаш досега“.

На крајот, Елмази најавува дека многу скоро ќе побара одговори и пред Јавното обвинителство.