Пред шест месеци се случи незамисливото: долгогодишниот сириски диктатор Башар ал-Асад беше симнат од власт по години граѓанска војна. Може ли да се исполнат ветувањата за обединување на оваа блискоисточна држава која доби нова шанса? Со тоа заврши авторитарната власт на семејството ал-Асад која траеше речиси пет децении. Зад себе остави фрагментирано општество — полно со лузни од насилство, обвиено со недоверба, но и со кревка надеж за нов почеток, пишува „dpa“.
Денес, со државата од околу 23 милиони жители управува транзициска влада предводена од привремениот претседател Ахмед ал-Шара. Ал-Асад избега во Москва. Ал-Шара, поранешен лидер на исламистичката група "Hajat Tahrir al-Sham" (HTS), одигра клучна улога во соборувањето на диктаторот на 8 декември.
По преземањето на власта, новото раководство вети „Сирија за сите“. Шест месеци подоцна, дали го исполнија тоа ветување?
Малцинствата под притисок
Меѓународната заедница е особено загрижена за третманот на малцинствата во Сирија. Ал-Шара, исто како и мнозинството Сиријци, е сунит. Неколкуте религиозно мотивирани инциденти во изминатите месеци предизвикаа страв кај Друзите, Алавитите и христијаните.
Во мај, сунитски борци поврзани со привремената влада ја нападнаа заедницата на Друзите, при што беа убиени десетици лица. Набљудувачи тогаш известија за она што го опишаа како „масакри“ во крајбрежните региони уште во март.
Транзициската влада спроведе воена операција против приврзаниците на Асад, при што загинаа неколку стотици Алавити — припадници на малцинството на кое му припаѓаше поранешниот диктатор.
„Владее страв, не само меѓу Друзите, туку и кај другите малцинства“, изјави за германската новинска агенција шеикот Хамуд ал-Хинави, верски лидер од таа заедница. „Ако не научиме да се прифаќаме едни со други, без оглед на нашите вери, никогаш нема да успееме да ја изградиме нашата нација“, додаде тој.
Токму тоа го вети и ал-Шара при преземањето на власта: обединета Сирија.
„Не смееме да заборавиме дека старата власт ја подели Сирија“, потенцираше лидерот на Друзите, додавајќи дека единство може да се постигне само без екстремизам — од која било страна.
Во тој контекст се вклучени и Курдите од североистокот, кои претходно управуваа со својот регион со голема автономија. Клучен чекор кон обединување беше постигнат кога курдските лидери се согласија на целосна интеграција во државните институции.
Тоа, теоретски, ѝ дава овластувања на владата на ал-Шара врз цивилните и воените структури на североистокот, но деталите од тој договор сè уште не се прецизирани.
Курдските претставници изразија претпазлив оптимизам: „И ние сме загрижени како и другите заедници, но ќе видиме дали новите лидери ќе ги одржат своите ветувања и ќе му ја вратат татковината на секој Сириец, без оглед на неговото потекло“.
Враќање на меѓународната сцена
Новото раководство во Дамаск го постави за приоритет дистанцирањето од наследството на Асад и обновата на меѓународните односи. По почетокот на граѓанската војна, Асад остана речиси целосно изолиран и беше предмет на строги санкции од страна на меѓународната заедница, особено од Западот.
Речиси шест месеци по неговото соборување, ал-Шара — поранешен командант на бунтовнички сили и член на терористичката група Ал-Каеда — веќе се сретна со неколку светски лидери, вклучувајќи го и американскиот претседател Доналд Трамп, пишува "dpa".
Во Европа беше примен од францускиот претседател Емануел Макрон, а привремениот сириски лидер треба да се обрати пред Генералното собрание на Обединетите нации во септември.
Враќање на финансиските пазари
Дамаск неодамна постигна значајни успеси на меѓународната сцена, особено во делот на укинување на санкциите. Во средината на мај, Сиријците излегоа на улиците славејќи откако Трамп неочекувано најави целосно укинување на американските санкции. Неколку дена подоцна, истото го направи и Европската унија.
Сириското Министерство за надворешни работи го прогласи тоа за „историски чекор“ за нова Сирија.
За време на граѓанската војна, земјата беше во голем дел отсечена од меѓународната трговија: недостасуваа основни потреби како лекови и гориво. Сирија беше исклучена и од меѓународниот финансиски систем, поради што трансферот на пари во и од земјата беше речиси невозможен.
Аналитичарите веруваат дека укинувањето на санкциите постепено ќе ги намали цените и ќе овозможи прилив на странски капитал — клучен за економското заздравување и претстојната обнова на земјата.
Земја далеку од стабилност
Шест месеци по симнувањето на Асад, Сирија сè уште е далеку од стабилност. Според податоците на Обединетите нации од април, околу 400.000 сириски бегалци се вратиле во татковината од соседните земји.
Хуманитарната состојба и понатаму е тешка. ОН проценуваат дека околу 90% од населението и понатаму зависи од некаква форма на хуманитарна помош.
По повеќе од една деценија на конфликт, сиромаштијата е широко распространета. Многу Сиријци велат дека и понатаму се борат со неизвесноста околу иднината на својата земја.
„Има денови кога се прашуваме дали оваа нова Сирија е навистина нешто поинаква“, рече еден повратник. „Но има и денови кога веруваме дека, чекор по чекор, се движиме во вистинска насока. Надежта сè уште живее.“