Седумдесет и осумгодишниот активен планинар, Стојанче Костовски од Крива Паланка, долгогодишен планинарски водич, викендов се искачи на врвот Митикас, на надморска височина од 2917 метри, на „планината на боговите” Олимп.
Искачувањето се реализираше во соработка со планинарскиот клуб „Хајкинг” од Скопје, заедно со 36-члена екипа планинари.
– Задоволен сум што со успех го искачивме врвот Митикас, поминувајќи 21 километар од стартот до врвот. Ѝ благодарам на мајка природа што ни даде прекрасен сончев ден и ни дозволи да ја реализираме дадената задача со успех, една од потешките акции во планинарството. На патеката имаше и остатоци од снег, но сепак, временските услови беа идеални и сите 36 учесници се искачија на врвот. Јас бев најстар со своите полни 78 години, а ова ми беше трето искачување – рече Костовски.
Тој посочи дека првпат се искачил на Олимп во 1990 година, кога водел 10 члена од Планинарското спортско друштво „Руен” од Крива Паланка.
– За последните 3 години веќе двапати успешно се имам искачено на „Планината на боговите”. Младите секогаш беа покрај мене и на нив им пренесував дел од моето долгогодишно искуство. За мене тоа беше големо задоволство – рече Костовски.
Тој со активно спортско планинарење се занимава од 1987 година, од кога е член на планинарско друштво „Руен” Крива Паланка.
– Од првиот ден ја прифатив улогата како водич и сѐ до напуштањето на друштвото пред 15 години, од кога сум активен член на планинарско – спортскиот клуб „Калин Камен”. Бидејќи новото друштво немаше водич, јас ја прифатив таа улога за да може друштвото да се регистрира и до денес сум водич. Пред неколку години друштвото доби лиценциран водич. Јас сега сум помошник на Тасевски Соцко. Меѓутоа се случува планинарски друштва да ме бараат за да ги водам по Осоговските планини. Последната група планинари ми беа гости од Сомбор и од Куманово, планинаревме во зимски услови од езерце преку Калин Камен, 1884 метри, Царев врв – 2085 метри надморска височина, Сокол 1917, до Руен 2252, надморска височина, а секогаш се обидувам да им го пренесам на помладите моето долгогодишно искуство – додава Костовски.
Тој го презентираше 40-годишното планинарско искуство преку книгата „40 години активно планинарење”.
Извор: МИА