Руте: Русија би можела да не нападне во рок од пет години

Макфакс

09/06/2025

19:02

176

Големина на фонт

а а а

Русија би можела да започне напад врз НАТО во рок од пет години, предупреди шефот на воената алијанса, Марк Руте, пренесуваат медиумите во регионот.

Во својот говор, тој предупреди дека „веќе нема Исток или Запад“ со оглед на брзината и моќта на руските ракети.

„Да не се лажеме, сите сме на источното крило. Нема Исток или Запад, постои само НАТО. Растојанието помеѓу европските престолнини е само неколку минути“, рече тој, осврнувајќи се на брзината на руските ракети.

Тој нагласи дека заканата „нема да исчезне кога ќе заврши војната во Украина“, повикувајќи ги членките на алијансата да ги зголемат трошоците за одбрана. Тој ги повика земјите-членки да ги зголемат трошоците за воздушна и ракетна одбрана. Тој се согласи со барањето на американскиот претседател Доналд Трамп секоја земја-членка мора да издвои минимум пет проценти од БДП за одбрана.

На прашањето кој е главната закана Руте рече дека секој напад врз НАТО би имал „разорни последици“.

„Смртно сериозни сме дека ако некој се обиде да нè нападне, последиците за него ќе бидат разорни, без разлика дали е тоа Русија или некој друг“, рече тој.

„Не станува збор само за пари и оружје, туку и за менталитет. Свесни сме дека тука многу работи се во прашање. Луѓето кои се обидуваат да дејствуваат против нас мора да го разберат тоа“, додаде тој.

На прашањето дали главната закана за НАТО е Русија или Кина, тој одговори: „Главната долгорочна закана за НАТО е Русија. Нема сомнение за тоа. Но, има повеќе од Русија. НАТО никогаш не е основан само за да се бори против Советскиот Сојуз. Станува збор за заштита на НАТО од секој што сака да нè нападне. Она што го гледате во Кина е огромно зголемување на нивната војска.“

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека НАТО е „инструмент на агресија и конфликт“.

„НАТО, откако ја симна маската, го покажува своето вистинско лице како инструмент на агресија и конфликт на секој можен начин“, рече Песков на редовниот брифинг за медиумите.