Американската компанија „Амазон“ работи на развој на софтвер за хуманоидни роботи кои ќе можат да работат како доставувачи и да носат пакети од комбиња до домашни адреси.
Овој гигант гради „хуманоиден парк“ во Соединетите Американски Држави каде што ќе тестира роботи, пренесе „Information“.
Како што е наведено, ваквите роботи би можеле да ја извршуваат работата на доставувачи, а Амазон развива софтвер со вештачка интелигенција што би ги управувал роботите, но би користел хардвер од други компании.
Засега, роботите се тестираат во канцеларијата на Амазон во Сан Франциско, а компанијата се надева дека тие ќе можат да вршат испораки користејќи службени комбиња Ривиан.
Дури иако со комбето управува човек, роботот теоретски би можел да го забрза времето на испорака со тоа што ќе оди на една адреса додека друго вработено лице оди на друга.
Амазон има повеќе од 20.000 комбиња „Ривиан“ во САД и со помош на еден од нив врши тестирање на роботи, пренесе Би-би-си.
По тестирањето во хуманоидниот парк, компанијата планира да ги испрати роботите на терен во реалниот свет каде што ќе се обидат да доставуваат пакети до домовите.
Научникот од Универзитетот во Единбург, Субраманијан Рамамурти, истакна дека Амазон има одличен тим за роботика и дека не изненадува нивниот фокус на пренесување на испораката на стока на роботи.
Тој додаде дека, сепак, предизвикот останува дали и како роботите ќе се справат кога ќе се сретнат со реалниот свет, надвор од строго ограничената и контролирана средина како онаа во хуманоидниот парк.