[ВИДЕО] 15 полицајци повредени во антимигрантските протести во Северна Ирска

Макфакс

10/06/2025

21:12

263

Големина на фонт

а а а

Петнаесет полицајци беа повредени, а неколку домови беа нападнати за време на она што беше опишано како „бес на толпата“ во расно мотивираните немири во северноирскиот град Балимена, објави „Гардијан“.

Членовите на толпата синоќа фрлаа молотови коктели, петарди, тешки камења и тули кон полицијата и се обидоа да ги запалат домовите на неколку странски семејства во градот во округот Антрим.

Насилството избувна по бдеењето за тинејџерка која наводно била сексуално нападната од две 14-годишни момчиља. Претходно истиот ден, момчињата се појавија на суд обвинети за обид за силување, а обвиненијата им ги прочита романски преведувач.


„Потоа голем број маскирани лица се одвоија од бдеењето и почнаа да градат барикади, натрупувајќи проектили и напаѓајќи имот во областа Клонавон Терас“, соопшти полицијата. „Дел од толпата потоа ја нападна полицијата фрлајќи молотови коктели и камења.“

Во нападите беа оштетени две полициски возила и повредени 15 полицајци, од кои некои мораа да побараат болничко лекување. Четири куќи беа оштетени во пожарот, а три лица беа евакуирани од своите домови во она што се истражува како расно мотивиран напад од омраза.

Лиам Кели, претседател на Полициската федерација за Северна Ирска, која ги претставува полицајците, рече дека повредите раскажуваат „ужасна приказна за толпа решена да предизвика сериозна штета“. Тој додаде дека полицајците работеле неуморно за да ја смират потенцијално експлозивната ситуација и да го одржат јавниот ред и мир.

„Нема сомнение дека полицијата – која е недоволно екипирана бидејќи службата е недоволно опремена со ресурси и персонал – спречи масакр со последици што се надвор од секоја замисла. Она што го видовме беше сосема бесмислено, неприфатливо и варварско“, рече Кели.