Угледни шпански медиуми најавуваат ново неповолно сценарио за Димитриевски во Валенсија

Дерби

12/06/2025

12:50

1.066

Големина на фонт

а а а

Крајот на сезоната за Валенсија донесе разделба со двајца чувари на мрежата (Мамардашвили и Доменех), па во овој момент, единствен голман кој сигурно ќе се појави на пресезонските подготовки на тренерот Карлос Корберан е Столе Димитриевски.

Тоа првично беше сценарио кое гарантираше статус на прв голман за македонскиот чувар на мрежата после една сезона мината на клупата за резерви, но најновите вести кои пристигнуваат од Шпанија за жал најавуваат ново неповолно сценарио за Столе.

Кумановецот минатава сезона играше само во Копа дел Реј и на четири натпревари во Ла Лига кога повреден беше Гиорги Мамардашвили, па иако пред една година беше доведен за да биде прв голман на Валенсија, „Марка“ и „АС“ тврдат дека тоа нема да се случи и во втората сезона.

Угледните медиуми од шпанската престолнина информираат дека Валенсија тргнала по нова „единица“, а тоа е Хулен Агирезабала кој на крајот од сезоната бранеше за Атлетик Билбао на сите најважни натпревари во Лига Европа.

Двата весници со седиште во Мадрид се повикуваат на свои извори од клубот и откриваат дека Валенсија смета на Агирезабала како опција која треба да биде прв голман, но од друга страна, клубот е подготвен да му ја отвори вратата на Димитриевски кој не заслужува да биде резерва и втора година по ред.

Овие информации пристигнуваат во период во кој Димитриевски ја покажа својата класа на двата натпревари против Белгија и Казахстан, па ако се оствари сценариото кое го најавуваат „Марка“ и „АС“, Столе може да се доведе во ситуација повторно да си бара нова средина.

Со оглед на тоа што е максимално ценет и респектиран во Шпанија, двата медиуми уверуваат дека Димитриевски лесно ќе пронајде нов клуб, а планот на Валенсија е да му олесни такво нешто ако на крајот реши да си ја бара среќата на друго место.