Манчини и се понуди на Италија: Направив грешка

Дерби

12/06/2025

13:34

367

Големина на фонт

а а а

Роберто Манчини на доста невкусен начин си замина од италијанската фудбалска репрезентација пред неполни две години, но во период кога статусот на најсилната селекција е сериозно раздрман, легендарниот стручњак е подготвен да им подаде рака на „аѕурите“.

Италијанската Федерација веќе два дена преговара со Џенаро Гатузо откако отпаднаа првите две опции Клаудио Раниери и Стефано Пиоли, меѓутоа денеска за работа се нуди и Манчини кој вели дека нема ништо против да се врати во националниот тим.

По неуспешната авантура во Саудиска Арабија, Манчини признава дека сега поинаку гледа на контроверзните ситуации од пред две години, кога поради недоразбирање со претседателот Гравина реши да си замине од селекцијата.

– Такви ситуации се случуваат во фудбалот. Фер е да се каже дека требаше повеќе да разговарам со Гравина во тие тензични две-три недели. Требаше да ги разјасниме работите, да го направевме тоа, ништо од тоа што следеше немаше да се случи.

– Понекогаш се носат погрешни одлуки. Не ја чувствував истата поддршка како претходно, но требаше да зборувам со претседателот. Требаше да го направам тоа и направив грешка. Но, времето дава простор за се, можеби пак ќе работиме заедно. Можеби ќе добијам шанса да го однесам тимот на Светско првенство, или да освоиме второ Европско првенство, – вели Манчини во интервјуто за „Газета“.