Флоријан Вирц кокетираше со неколку фудбалски великани од Европа и оствари директни контакти со Баерн Минхен, Манчестер Сити и Ливерпул, но на крајот најупорен беше клубот од „Енфилд Роуд“, кој сега е пред конечен договор со германската ѕвезда.
Манчестер Сити прв се откажа од наддавањето со објаснување дека целиот пакет ќе чини 300 милиони евра (вклучувајќи ја и платата), во продолжение извиси и Баерн и покрај тоа што се чинеше дека е во пол-позиција, а Ливерпул веќе со недели се обидуваше да ја намали цената, но на крајот не успеа во тоа.
Иако е пред конечен договор, Ливерпул на крајот ќе плати 150 милиони евра за да ја добие ѕвездата на Леверкузен, сума која била незамислива и за водечките луѓе на Баерн.
– Да бидам искрен, мислам дека не можевме да си ја дозволиме сумата која сега ќе ја плати Ливерпул за Вирц. Можевме да замислиме како го облекува дресот на Баерн Минхен, но тој на крајот донесе друга одлука и покрај сите позитивни разговори кои ги имаше со нас. Сите важни луѓе во клубот беа вклучени во операцијата, но Флоријан одлучи нешто друго.
– Тоа е вистинска штета, но кога една врата се затвора, друга се отвора. Флоријан е извонреден играч, но има и други извонредни фудбалери, а дел се во нашиот тим. Олисе, Мусиала, Кејн, Кимих и многу други. Има многу играчи кои се на трансфер пазарот, бараме талентиран фудбалер кој може да ни помогне да триумфираме, сигурен сум дека ќе имаме компетитивен тим за новата сезона, – вели Макс Еберл, спортскиот директор на Баерн.