Фабио Капело го поздрави ангажирањето на Кевин де Брујне од страна на шампионот Наполи, а за италијанските медиуми испорачал уште неколку совети за екипите кои ќе се борат за скудетото.
Како поранешен тренер на Јувентус, Капело бил прашан и што ги советува „бјанконерите“ во однос на напаѓачката позиција, еден од трансфер императивите за торинскиот клуб во овој преоден рок.
Дон Фабио му дава предност на играч како Џошуа Зиркзе во конкуренција на Виктор Ѓекереш.
– Кого би ангажирал како нова „деветка“ за Јувентус?
– Би тргнал директно кон Зиркзе, кој покажа вистинска класа во Серија А.
– Зиркзе би бил и поевтина варијанта од Ѓекереш, кого читам дека го поврзуваат и со Јувентус. Знам дека Швеѓанецот е гол машина во Спортинг, но на 27-годишна возраст никогаш не играл во силна лига како италијанската, – рекол Капело.