Потпишан договор за стратешко партнерство со Унгарија

Макфакс

13/06/2025

13:35

156

Големина на фонт

а а а

На покана на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во еднодневна посета на Македонија престојуваше унгарскиот министер за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто. Посетата беше заокружена со потпишување на Договор за стратешко партнерство помеѓу владите на двете земји.

„На средбата, двајцата министри се осврнаа на одличните билатерални односи, изразувајќи заемно задоволство од интензивниот политички дијалог и развиената секторска соработка. Беше поздравено и тридецениското пријателство и одличната трговска соработка, која бележи континуиран нагорен тренд во изминатиот период. Во тој контекст, од страна на двајцата министри беше констатирано дека македонско-унгарското партнерство е засновано на силни политички врски и развиена економска соработка, кои во претстојниот период ќе добијат уште позасилена динамика“, соопшти МНР.

Во фокусот на разговорите беа и перспективите и предизвиците на процесот на европската интеграција на нашата земја и засилената и недвосмислена поддршка од Унгарија на овој пат, која е насочена кон отворање на преговорите на нашата земја со ЕУ, со цел да се овозможи стабилизирање и подобра перспектива за нашата земја и за земјите од регионот.

Во таа насока, министерот Муцунски изрази уверување дека поддршката ќе продолжи со несмалено темпо и во претстојниот период, имајќи го предвид и неодамна потпишаниот Акциски план за споделување на знаење во однос на ЕУ-пристапувањето помеѓу министерствата за надворешни работи и надворешна трговија и министерствата за европски прашања на двете земји.

На средбата, исто така, стана збор и за сојузништвото и одличната соработка во рамки на НАТО, која е насочена кон справување со актуелните безбедносни предизвици и зачувување на европската и трансатлантската стабилност.

Во рамките на посетата беа потпишани и договор за соработка на владино ниво и договор за соработка во делот на образованието. Имено, министерот Муцунски и министерот Сијарто потпишаа Договор за стратешка соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Унгарија, додека од страна на министерот Сијарто и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија и Министерството за надворешни работи и трговија на Унгарија за соработка во рамките на Програмата Stipendium Hungaricum за годините 2026–2028.