Илјадници Иранци го напуштаат Техеран, улиците се празнат, огромни гужви на излез од градот

Макфакс

16/06/2025

17:44

205

Големина на фонт

а а а

Жителите на Техеран го напуштаат главниот град по ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Иран, а очевидците јавуваат дека има големи толпи на излезните патишта.

Редиците на бензинските пумпи во понеделникот беа долги километри, додека другите улици беа морничаво тивки, иако градот има повеќе од 15 милиони жители.

Во саботата, израелскиот министер за одбрана Кац издаде строго предупредување до Иран и врховниот лидер на земјата, ајатолахот Али Хамнеи дека „Техеран ќе изгори“ доколку продолжат иранските ракетни напади врз израелските цивилни области. Подоцна, сепак, ја ублажи реториката.

Меѓутоа, многу Техеранци ги спакуваа само најосновните потреби и побегнаа на истокот на земјата, која сè уште се смета за релативно безбедна.

Западот на земјата, каде што се наоѓаат многу воени објекти, претрпе бројни напади. Северните области на Каспиското Езеро, инаку популарна дестинација за одмор, сега се засолниште за многумина.

Задшад, 35-годишен учител, е еден од оние кои побегнале со семејството во Рашт, град во близина на морето.

Патувањето обично трае повеќе од четири часа, но сега им требаше повеќе од еден ден поради пренатрупани патишта кои водат надвор од главниот град.

„Сега кога стигнавме, не е подобро, продавниците се полни со луѓе и недостига храна“, изјави тој за ДПА.

Цените на сместувањето во такви области нагло се зголемија по почетокот на непријателствата. Задшад се плаши од долга војна, заедно со сите тешкотии што ги носи.

„Животот во овие услови е навистина тежок“.

Друго семејство кое со својот син оди кон Турција, исто така, зборува за високите трошоци за наоѓање безбедност.

„Позајмив 5.000 евра од пријател за да отпатуваме во Истанбул да ја видиме ќерката, со надеж дека ситуацијата малку ќе се смири“, вели таткото, 60-годишен медиумски работник.

„Во моментов чекаме патиштата малку да се испразнат и размислуваме за најдобриот граничен премин за влез во Турција.

Не секој може да ја напушти државата. Жител на Техеран по совет на својот брат од САД сакал да замине во Азербејџан со својата 82-годишна мајка.

„Поради густиот сообраќај, недостигот на бензин и лошата здравствена состојба на мајка ми, моравме да се вратиме назад“, рече тој. „Сега чекаме подобри услови за да се обидеме повторно“.