Леонард Лодер, раководител на козметичкиот гигант „Есте Лодер Компанис“, почина завчера на 92-годишна возраст.
Неговиот син и претседател на Управниот одбор на гореспоменатата компанија, Вилијам П. Лодер, објави дека Леонард целиот свој живот вредно работел за да ја изгради и трансформира индустријата за убавина, како пионер на многубројни иновации, трендови и најдобри практики кои се неопходен дел од денешната индустрија.
Леонард Лодер бил роден во Њујорк во еврејско семејство. Неговата мајка, Есте, и неговиот татко, Џозеф, биле пионери во козметичката индустрија. Тој бил најстариот син во семејството. Кога бил момче ѝ помагал на мајка си да пакува кутии со пудра и масло за чистење. Служел три години како поручник во американската морнарица, по што дипломирал на Факултетот за бизнис на Универзитетот Колумбија.
Тој официјално ѝ се приклучил на компанијата „Есте Лодер“ (Estée Lauder) во 1958 година, кога имал 25 години. Во тоа време, оваа компанија имала само неколку вработени и продажба помала од милион долари. Подоцна се претвори во глобална козметичка империја, во која спаѓаат „Clinique“, „La Mer“, „The Ordinary“, „MAC Cosmetics“ и „Bobbi Brown Cosmetics“.
Тој имал различни позиции во компанијата, меѓу кои и највисоките. Тој е одговорен за котирањето на Есте Лодер на њујоршката берза во 1995 година по цена од 26 долари по акција. Пазарната капитализација или вкупната вредност на овој козметички гигант моментално изнесува 24,3 милијарди долари. Според процената на Блумберг, личното богатство на Леонард вреди 15,6 милијарди долари.
Кога во интервју за „CBS News“ во 2020 година бил прашан по што би сакал да биде запаметен, тој одговорил: „Тој слушаше и беше љубезен“. Леонард бил филантроп и колекционер на уметнички дела. Зад себе ги остави сопругата, Џуди Гликман Лодер, и синовите Вилијам и Гери, пренесе Си-ен-ен.