Одбраната побара ослободителни пресуди за Влатко Кешишев, Велибор Манев, Боре Видевски и Александар Ѓорчевски за убиствата на Вања и Панче.
Адвокатот на Кешишев побара неговиот клиент да добие ослободување од оговорност за убиствата, а судот да го има во предвид неговиот страв и потчинетост и своевидното заложништо што го чувствувал од страна на Палевски. Во одбрана на Кешишев, адвокатот Ефремов рече и дека неговиот клиент во текот на постапката бил ставен целосно на располагање на истражните органи и придонел кон разрешница.
Адвокатот Горан Бошевски, кој го бранеше обвинетиот Велибор Манев, побара ослободителна пресуда за убиство, а осудителна за делото грабнување. Тој рече дека не постоел договор за убиства и нема умисла за извршување таков вид кривични дела. Рече и дека Манев и Боре барале од Палевски да го ослободи девојчето откако виделе дека е дете, но Палевски ја фотографирал, ја распрашувал за родителите, па ја застрелал.
Ослободителна пресуда за убиствата побара и адвокатот на каратистот Боре Видевски, Бојан Манев, тврдејќи дека Јавното обвинителство не докажало со ниту еден доказ дека Видевски е поврзан со кривично-правните настани кои му се ставаат на товар. Постапката вели адвокатот се базирала само претпоставки, конструирани изјави, изнудени признанија и искази на двајца обвинети.
„За време на убиството на Панче тој се наоѓа на работното место, за што беа посочени и двајца сведоци, колеги кои работат со него во канцеларија, уште во неговиот исказ во ЈО пред повеќе од 20 месеци. Но, тие сведоци не беа повикани од јавните обвинители на судењето. Во времето на убиството на малолетното девојче, тој се наоѓа во штабот на партијата Десна“ рече Манев. Адвокатот додаде и дека на снимките од Сејф сити и на останатите снимки од движењето на возилата по грабнувањето на Вања не се гледа ликот на неговиот клиент.
Адвокатот на таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ побара ослободителна пресуда. Рече дека за Ѓорчевски нема ниеден материјален доказ дека помагал на групата на Палевски.
В петок завршен збор ќе даде Љупчо Палевски.