Адвокатот на Велибор Манев, Горан Бошевски, денеска од судот побара да го ослободи неговиот клиент Манев од обвиненијата за убиствата, а да го казни само за грабнувањата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, кои беа свирепо убиени во ноември 2023 година.
Toj истакна дека неговиот штитеник од првообвинетиот Љупчо Палевски добивал инструкции за грабнувањето на велешкиот пензионер со кого се познавал од претходно. Манев и Боре Видевски претходно ја ископале земуницата, при што тој на полицијата ѝ откри каде е закопан убиениот Жежовски.
– За убиство, а не соизвршителство, законската дефиниција опфаќа две ситуации кога двајца или повеќемина преземаат дејствија на извршување, или ако извршуваат различни дејствија, но со иста цел или со помагање по извршување. Треба да постои претходен договор за да има соизвршителство. Треба делото да го извршат заедно. Треба да се работи за дејствија кои претставуваат особен придонес кон извршување на делото. Спорно е дали треба да се третираат како соизвршителски постапките пред делата, за кои не постои претходен договор. Кај соизвршителот, неговата улога е потребна и нужна за делото, а кај помагач не. Тој немал претходен договор со другите обвинети за такви кривични дела, нема умисла за убиства. Инкриминираните дејствија кои ги презел при извршувањето на кривичните дела грабнување, немаат елементи да претставуваат особен придонес кон извршувањето на делото убиство. Во неговите дејствија нема елементи на законското битие на кривичното дело убиство и нема каузалитет помеѓу преземените дејства, поради што во однос на овие дела барам судот да донесе ослободителна пресуда – рече бранителот на Велибор Манев.
Во однос на грабнувањето на Жежовски, најпрво Палевски преку „моторола“ им кажал да влезат кај него дома. Влегол прв Маневски и го турнал Жежовски додека Палчо го земал телефонот, кој подоцна го фрлил во дол. Неспорно е дека грабнувањето на Панче е во среда. Двете возила тргнале кон земуницата. Го изнеле Панче, го спуштиле. Велибор се наведнал и во тој момент го видел Палчо како пука кон Панче. Кога го прашал зошто го направил тоа, Палчо му рекол: „Да не расипуваме сега пријателство“.
Што се однесува за деталите околу грабнувањето на Вања, Манев, во влезот на зградата ја фатил Вања за раката и ѝ ја залепил лентата на уста, по што ја ставиле во вреќа, па во гепекот на „цитроенот“, украден од веќе убиениот Жежовски.
„Кога ја отворивме вреќата, видовме училишен ранец. Палевски ѝ ја тргна лентата од устата на ‘жената’ и видовме дека е дете. Ја праша која е, кои ѝ се мајка и татко. Ја фотографираше со вперен пиштол во неа. Му рековме со Боре да го ослободи девојчето, и така сме под маски. Но тој зеде перниче од ѓубриштето и ја застрела во главата. Отишол до неговото возило, извадил копач и лопата и им ги дал да копаат дупка“, читаше адвокатот на Манев.