СДСМ го повика Обвинителството да отвори нова истрага за случајот со сертификатот на Христовски

Макфакс

21/06/2025

13:49

150

Големина на фонт

а а а

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија бара нова истрага од страна на Обвинителството за јазичниот сертификат на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, по истражувањето на БИРН.

Портпаролката Богданка Кузеска истакна дека за јазичниот сертификат Христовски полагал од дома, додека во интервјуто за македонски медиум Христовски рече дека полагал преку јазичното студио „Јулија“ во Пловдив.

„Дали Христовски излажал за да покрие скандалот? Понатаму, трите дела од испитот, читање, слушање и пишување, Христовски ги полагал на ист датум, на 22 март 2022 година а делот „говорење“ го полагал пет дена порано. Тоа е спротивно на правилата на ЕТS, каде тестот трае околу два часа за сите четири дела, а паузите се забранети“, изјави Кузеска.

Дополнително, како што рече Кузеска, на самиот документ стои дека резултатите од сертификатот важат две години, значи март 2024 година, а Христовски беше именуван за директор во октомври 2024 година, што значи седум месеци по истекот на важењето. Очигледно, вели Кузеска, и приложениот сертификат од страна на Христовски е со помината важност.

Додаде дека клучен факт е тоа што кодот на тест-центарот наведен во сертификатот на Христовски не е од Пловдив, како што тврдеше тој, туку Софија и нема никаква врска со студиото „Јулија“ на кое се повикува директорот на АНБ. Дополнително, документот што го покажува неговиот резултат е верзија што може самиот кандидат да ја испечати, без никаква гаранција за автентичност од ETS, додаде Кузеска.

Партијата повика на отворање на нова, независна истрага за случајот Христовски. Понатаму, Јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција да го отвори предметот бидејќи по Закон е надлежна. Обвинителството да побара од ETS – единствената овластена институција – да ги открие официјалните податоци за полагањето на Бојан Христовски. Јавноста да ја дознае целата вистина а сите инволвираи во овој скандал да одговараат.