Американскиот претседател Доналд Трамп денес му рече на заменик-претседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Дмитриј Медведев, да не го употребува зборот „нуклеарен“ лесно и го праша дали Русија ќе му даде на Иран нуклеарно оружје.
„Дали поранешниот руски претседател Медведев навистина го употреби „зборот Н“ (нуклеарен!), тврдејќи дека тој и други земји ќе му испорачуваат нуклеарни боеви глави на Иран? Дали навистина го кажа тоа или е само моја имагинација? Ако е така, и ако е потврдено, ве молам веднаш известете ме. „Зборот Н“ не треба да се сфаќа лесно. Претпоставувам дека затоа (рускиот претседател Владимир) Путин е „шефот“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.
Трамп реагираше на вчерашната изјава на Медведев дека американските напади предизвикале „мала или никаква штета“ и дека Иран „ќе продолжи да произведува нуклеарно оружје“.
„Патем, ако некој мисли дека нашата „хардверска опрема“ беше одлична за време на викендот, убедливо најсилната и најдобрата опрема што ја имаме, 20 години пред сите други, се нашите нуклеарни подморници. Тие се најмоќното и најсмртоносното оружје што некогаш е произведено, а тие штотуку лансираа 30 Томахавци – сите 30 совршено ја погодија својата цел“, истакнаТрамп.
Медведев во неделата изјави дека неколку земји се подготвени директно да го снабдат Иран со нивното нуклеарно оружје.
Тој оцени дека Трамп требало да биде миротворец претседател, но дека тој започнал нова војна.
Тој исто така нагласи дека „апсолутното мнозинство земји во светот се против постапките на Израел и САД“.