Само три американски гиганти – Амазон, Мајкрософт и Гугл – држат повеќе од две третини од европскиот клауд (cloud) пазар, со што дигиталната егзистенција на Европа е во рацете на компании кои се приближуваат до американскиот претседател за да избегнат претстојни регулативи и казни.
Враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа ја принудува Европа да се соочи со голема дигитална ранливост: САД го држат прекинувачот за гаснење на интернетот. Додека американската администрација сè повеќе ги зголемува влоговите во геополитичката покер игра која започна кога Трамп ја започна трговската војна, Европејците стануваат свесни дека нивната долгогодишна зависност од неколку американски технолошки гиганти ги довела до подредена позиција, пишува Политико.
Најголемата ранливост лежи во речиси целосната зависност на Европа од американските даватели на услуги за cloud computing (обработка во облак).
Обработката во облак е ’рбетот на интернетот, кој напојува сè, од е-пошта и видео до индустриска обработка на податоци и владини комуникации. Само три американски гиганти – Амазон, Мајкрософт и Гугл – контролираат повеќе од две третини од европскиот пазар, ставајќи го дигиталната егзистенција на Европа во рацете на компании кои сè повеќе му се „додворуваат“ на американскиот претседател за да избегнат претстојни регулативи и казни.
Застапниците на дигиталниот суверенитет во Европа со години предупредуваат дека облак зависноста исто така значи дека американските агенции имаат пристап до чувствителни податоци на Европјаните складирани на сервери во американска сопственост – благодарение на американските закони.
Како „што ако“ стана реалност
Денес, во политичка средина каде што американскиот претседател ги менува законите преку ноќ, а главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд го губи пристапот до својата е-пошта на Мајкрософт по санкциите на САД (поради издавањето налози за апсење на високи израелски функционери), постои вистински страв дека САД би можеле да ја искористат својата технолошка супериорност како средство за притисок во странство, пишува Форбс Хрватска.
„Трамп навистина не ја сака Европа. Тој мисли дека целата поента на ЕУ е да ја „зезне“ Америка“, рече Зак Мејерс, директор за истражување во бриселскиот тинк-тенк „CERRE“. „Веќе не е толку неверојатно да се замисли дека тој би можел да нареди гаснење на системи или нешто што сериозно би им наштетило на економските интереси“.
Александар Виндбихлер, извршен директор на австриската клауд (облак) компанија „Анексија“, рече дека жали што информатичарите како него не проговориле за оваа „нездрава зависност“ порано, истакнувајќи дека европската клауд индустрија предолго ја избегнувала политиката и лобирањето, фокусирајќи се исклучиво на технолошката конкурентност.
Дали Трамп навистина би ги исклучил клауд услугите во Европа? „Не знам. Но, исто така не очекував САД да се заканат дека ќе го земат Гренланд“, рече Виндбихлер. „Тоа е полудо од гаснење на клауд услугите“.
Е-поштата на главниот обвинител му е одземена
Предупредувањата започнаа неколку месеци откако Трамп се врати во Белата куќа.
„Веќе не е разумно да се претпоставува дека можеме целосно да се потпреме на нашиот американски партнер. Постои сериозен ризик сите наши податоци да завршат во рацете на американската администрација или дека нашата инфраструктура ќе стане недостапна поради одлуките на други земји“, изјави во март во Европскиот парламент, Матијас Еке, член на германските социјалдемократи.
„Ризикот од гаснење е новата парадигма“, рече Бенџамин Ревколевски, извршен директор на француската клауд компанија „OVHcloud“, на истиот настан. „Облакот е како чешма. Што ако некој едноставно ја исклучи водата?“
Технолошкиот еквивалент на „затворањето на чешмата“ би бил американската влада да им наложи на клауд компаниите да ги запрат услугите во Европа. Обработката во облак функционира така што им овозможува на бизнисите виртуелен пристап за складирање и обработка на податоци, потпирајќи се на огромна мрежа од физички центри за податоци низ целиот свет.
Веста дека на главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан, му е оневозможен пристапот до службената е-пошта хостирана од Мајкрософт во мај, по американските санкции поради налогот за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, дополнително ја зголеми загриженоста. Мајкрософт одби да коментира за својата директна улога во прекинувањето на пристапот, велејќи само: „Мајкрософт никогаш не ги суспендирал своите услуги на Меѓународниот кривичен суд“.
Како да се намали зависноста
„Секако, американските компании мора да се придржуваат кон американскиот закон“, напиша Аура Сала, финска европратеничка од централно-десничарската партија и поранешен главен лобист за Мета во Брисел, како одговор на веста за Меѓународниот кривичен суд. Таа додаде: „За Европејците, ова значи дека не можеме да веруваме во сигурноста и безбедноста на оперативните системи на американските компании“.
Обидите да се намали зависноста на Европа од американскиот клауд се соочуваат со реалност: разбивањето на американската технолошка доминација не е ниту лесно ниту евтино.
Зависноста од клауд исто така значи дека американските агенции имаат пристап до чувствителни податоци на Европејците, складирани на сервери во американска сопственост насекаде во светот – благодарение на американските закони.
„Кога ќе го погледнете облакот (клауд), вештачката интелигенција, центрите за податоци – едноставно нема доволно алтернативи за американската дигитална индустрија“, рече поранешниот германски министер за финансии Јерг Кукиес во април, повикувајќи на претпазливост при разгледување на трговски контрамерки против Трамп. Една индустриска иницијатива што добива поддршка е „EuroStack“, за која се проценува дека чини 300 милијарди евра. Иницијативата, поддржана од технолошки експерти, економисти и европска индустрија, има за цел да обезбеди дигитална самоодржливост на Европа, од инфраструктура до софтвер. Таа се залага за давање приоритет на компаниите од ЕУ во јавните набавки, воведување квоти и формирање фонд за поддршка на домашната технологија.
Тешко е да се создадат толку многу пари
„Ова не е ништо необично – овие видови индустриски алатки со децении се користат во други земји, вклучително и во САД, каде што големите јавни договори го поттикнаа растот на денешните технолошки гиганти“, велат организаторите.
Но, како што истакна Зак Мејерс од „CERRE“:
„Тие бараат многу пари – стотици милијарди. Идејата дека тоа само ќе се појави е доста нереална“.
Американската трговска група „Chamber of Progress“ дури проценува дека трошоците би можеле да надминат пет трилиони евра.
Неколку европски земји и европратеници веќе изразија поддршка за иницијативата „EuroStack“, која е спомената и во коалицискиот договор во Германија. Но, политичарите внимателно балансираат за да избегнат обвинувања за протекционизам, што би можело да предизвика реакција од САД.
„Ниту една земја или регион не може сама да ја води технолошката револуција“, рече Хена Виркунен, комесарката на Европската комисија за технолошки суверенитет, во Брисел на 5 јуни, презентирајќи стратегија која признава дека ЕУ е „ѝ се заканува технолошка и економска зависност“.
Спорна регулатива за клауд безбедноста
Една нова иницијатива во Брисел би можела значително да го ограничи потенцијалното влијание на Трамп во создавањето дигитални нарушувања.
Станува збор за предлог што воведува нови услови за безбедносна сертификација на клауд решенијата што ги користат компаниите и јавните тела. Но, планот е блокиран со месеци меѓу земјите-членки бидејќи се смета за особено чувствителен за САД. Можно е сертификацијата да вклучува ниво на заштита што гарантира имунитет од странски закони.
Франција е гласен поборник за користење сертификати за заштита на европските податоци од закони со екстратериторијален ефект, како што е американскиот „Cloud Act“.
„Геополитичките тензии нè принудуваат повеќе од кога било да го преиспитаме суверенитетот на нашите податоци, а со тоа и нивното складирање“, рече француската министерка за дигитализација Клара Чапаз.
Холандија, која во голема мера се потпира на американската технологија, до неодамна се спротивставуваше на исклучувањето на американските даватели на услуги, но неодамнешните настани покажуваат промена во ставот.
Бидејќи Европската комисија за прв пат го има својот комесар за технолошки суверенитет, се зголемува притисокот за безусловна поддршка на технологијата „произведена во Европа“ и за заземање цврст став додека Вашингтон го засилува својот отпор.
„Европа слепо веруваше дека САД секогаш ќе бидат тука и секогаш на нејзина страна“, заклучи Франческа Брија, професорка на „University College“ во Лондон.
„Денес, ситуацијата е поинаква – и тоа силно се чувствува“.