Јанев на Генерално собрание на Асоцијацијата на шефови на полиции од Југоисточна Европа: Имаме одговорност да го направиме регионот побезбеден и постабилен

Макфакс

25/06/2025

16:57

104

Големина на фонт

а а а

Директорот на БЈБ денеска во Берат Албанија учествува и предводи делегација на БЈБ – МВР на Генералното собрание на Асоцијацијата на шефови на полиции од Југоисточна Европа, во рамки на албанското претседателство на асоцијацијата.

Заедно со колегите од регионот, Јанев се осврна на предизвиците од илегалната миграција и борбата против трговијата со луѓе, сузбивањето на организираниот криминал и јакнење на регионалната соработка преку воспоставување на Заеднички истражни тимови, а воедно се разгледува и фактичката состојба во однос на борбата против компјутерскиот криминал.

„Сите овие предизвици претставуваат не само регионална, туку и глобална закана и ги надминуваат можностите за ефикасен одговор и заштита од само една држава, па оттаму неопходно е надградување и продлабочување на механизмите за оперативна полициска соработка помеѓу државите во регионот и пошироко, забрзана дигитализација на процесите и интензивирање на оперативните мерки и активности за сузбивање на организираниот криминал, со што ќе се генерираат и нови алатки за превенција, следење и успешно справување со криминалот во сите негови форми.“, потенцираше директорот Јанев.

Јанев подвлече дека регионалниот пристап за заедничко делување, зајакната соработка и аплицирање на современи алатки и модели на полициско постапување се повеќе од потребни во времето во кое живееме, соочувајќи се со низа предизвици од софистицираните методи кои ги користат организираните криминални групи.

Учеството на Генералното собрание на СЕПКА, Јанев го искористи за средба со своите колеги, директорите на полиции на Р.Албанија, Црна Гора, како и Р. Косово, со кои разменија идеи и визии во насока на понатамошно зајакнување на билатералната соработка во делот на граничното управување, прекуграничните операции и заеднички истражни тимови за сузбивање на организираните криминални групи кои делуваат во регионот.

„Како први луѓе на полицијата, имаме мисија и одговорност да го направиме регионот побезбеден и постабилен за сите наши граѓани. Безбедноста не познава граници – таа бара солидарност, координација и заедничко делување.“, потенцираше на крај директорот Јанев.