[ВИДЕО] Арсовска: Според документите на Ганиу, 11-годишно дете ја изградило 12-катницата во Чаир и поднело барање на нотар, ова е криминал

Макфакс

26/06/2025

17:43

1.477

Големина на фонт

а а а

Документи со 20 случаи за незаконски легализации на дивоградби во Општина Чаир се поднесени до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, од страна на Град Скопје.

Градоначалничката, Данела Арсовска, рече дека станува збор за згради – дивоградби во оваа општина, со што буџетот на граѓаните е оштетен за 225 милиони евра.

Со оглед на тоа што Законот за легализација се применува за објекти не понови од 2011 година, Арсовска објави сателитски снимки набавени од Агенцијата за катастар во 2017 година, на кои, како што рече, ја нема 12-катницата за која неодамна обелодени дека е дивоградба. Магично, вели Арсовска, во втората половина на 2023 година отпочнува плоча, што станува зграда на 12 ката во 2024 година.

Градоначалникот Висар Ганиу, според зборовите на градоначалничката, се обидел да ги убеди дека сè е легално.

„Оваа зграда, изградена во 2024 година, ја аплицирал со свое барање извесен Беким Аземи, кој што е брат на претходниот 15-годишен иноватор, Бујар Аземи. Иновацијата е што Беким Аземи е најмладиот претприемач во Македонија во изминатото столетие. Тој, според документацијата што ни ја презентира Висар Ганиу, односно лаже Ганиу, ја изградил оваа зграда во 2010 година кога имал само 11 години со 1 милион евра, а на 12 години своерачно поднел барање за легализација. Затоа и не е чудо што сме четврта најјака економија во Европа, затоа што нашите млади уште од 12 години градат згради во Чаир градат згради и аплицираат за варање и стануваат милионери“, изјави Арсовска.

„Ова се криминалци“, додаде.

Градоначалничката рече и дека Висар Ганиу во три години има направено повеќе дивоградби од сите општини заедно што имаат предмети. Ако сите скопски општини имаат стотина предмети, Висар Ганиу има 13 илјади предмети, што сам го има лично кажано, рече Арсовска.

За споредба се осврна на информација од полицискиот билтен вчера за лице кон кое е поднесена кривична оти градело во својата куќа на поткровјето натстрешница, а за случаи како Чаир, вели Арсовска, институциите молчат, оти се работи за заштитени мечки.