Пожарот што избувна на 28 јуни во близина на скопската населба Шуто Оризари – Визбегово и хотелот „Њу Стар“, денеска повторно се активираше, предизвикувајќи сериозна загриженост кај локалното население и институциите. Огнот, кој потекнува од дивата депонија, бргу се прошири и се доближи до првите куќи во населбата.
Според информациите од терен, запалена е сува трева и деградирана ниска вегетација на неколку локации околу хотелот. Густ чад се издигнува над Визбегово, а противпожарните екипи се обидуваат да ја задржат огнената линија далеку од објектите и домовите.
„На терен се распоредени противпожарни тимови од Град Скопје со три возила и неколку пожарникари. Дополнително побаравме поддршка со нови сили за да се спречи натамошното ширење на огнената стихија“, информираат од Противпожарната бригада на Скопје.
Гори во Визбегово
Posted by Bobi Ilievski on Sunday, June 29, 2025
Пожарот, кој веќе двапати беше гасен од екипите, повторно се појави, што ги натера надлежните да посомневаат во можно намерно предизвикување. Центарот за управување со кризи (ЦУК) испрати итен допис до Град Скопје и до Општина Шуто Оризари, со барање за итна и координирана акција.
„Постои сериозна опасност од натамошно ширење на пожарот. Не исклучуваме можност дека огнот е намерно подметнат. Затоа бараме итно ангажирање на обезбедување што ќе ја надгледува локацијата и ќе реагира при секој обид за ново палење“, велат од ЦУК.
Покрај тоа, од ЦУК предлагаат депонијата да се покрие со инертен материјал, шут или земја, за да се ограничи ширењето на пожарите и да се намали ризикот од нови пламени јазици. Побарано е и засилено присуство на инспекциски служби кои ќе спречуваат незаконско фрлање отпад на оваа локација.
„Неопходно е институциите веднаш да преземат мерки за заштита на здравјето на населението и на животната средина“, се наведува во итниот допис на ЦУК.
Состојбата и натаму останува ризична, а граѓаните од овој дел на Скопје апелираат за побрза и поефикасна интервенција со цел да се заштитат нивните домови и животната средина.