ВЛЕН: Бришењето на дијаспората од пописот е тешко предавство, ДУИ не може да се крие зад молкот

Макфакс

30/06/2025

12:42

173

Големина на фонт

а а а

Повеќе од 20 години на власт, ДУИ со своите деструктивни политики не донесе развој, туку иселување. Не само што ги натера стотици илјади Албанци да емигрираат, туку со пописот на населението во 2021 година ги избриша и оние што останаа. Пописот се претвори во средство за намалување на реалноста на Албанците во државата, додека раководството на ДУИ, како и секогаш, одбра да молчи пред уште едно ново политичко злосторство, обвини Дритон Сулејмани од коалицијата ВЛЕН.

Тој рече дека албанскиот народ бара одговори зошто било прифатено од нивна страна дијаспората да се третира како „нерезидентна“, кога токму таа, како што рече, ја одржува економијата и ги помага семејствата во секојдневието?

„Следните примери на манипулација се јасни и документирани, особено во струшкиот регион: Во селото Радолишта се регистрирани само 1.344 жители над 18 години, додека на изборите во 2024 година гласале 2.397 граѓани, или повеќе од 1.000 разлика. Во Велешта се регистрирани 2.196 жители, а гласале 2.377, речиси 200 повеќе. Во Ливадија, исто така, има повеќе гласачи од што регистрирани жители. Со вакви потези ли мислевте да го намалите бројот на Албанците во државата?“, праша Сулејмани.

Тој рече дека се поставуваат и други прашања на кои ДУИ никако не смее да молчи: зошто била потпишана методологија што го намалува бројот на Албанците во земјата, зошто не се заштитил придонесот на дијаспората во животот на оваа држава и зошто ДУИ прифатиле Албанците надвор од земјата да се одделат од остатокот на народот?

„Овие зошто не се само прашања, тие се обвиненија што тешко паѓаат врз тие што го искористија пописот за партиски интереси. Ако ДУИ мисли дека ќе го помине ова со молк, тешко се лаже, затоа што ВЛЕН нема да престане да ги открива вистините што се покриени преку овие измами“, рече Сулејмани.