Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, на партиски конгрес едногласно му ја довери претседателската функција на Максим Димитриевски за нов четиригодишен мандат, објави портпаролот на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Никола Мемов.
„На Конгресот, повеќе од 420 делегати едногласно му ја доверија претседателската функција на Максим Димитриевски за нов четиригодишен мандат. Ова не е само доверба. Ова е императив дека ќе продолжиме да ја водиме Македонија не со калкулантство и пазарење, туку со чесност, државотворност и непоколеблива посветеност кон народот“, рече тој.
Мемов кажа дека ЗНАМ не влегол во институциите за моќ, туку за правда, ред и државност.
На Конгресот беa избрани новите состави на Централниот одбор кој брои 80 членови и надзорниот одбор со 5 членови.
Меѓу избраните членови на ЦО се: Марин Докузовски, поранешен селектор на кошаркарска репрезентација на Македонија, д-р Билјана Ќупева Туџаровска, доктор на науки, Филолошки факултет, Јане Алтипармаков, самостоен уметник, дипломирал филмска и ТВ режија на Факултетот за драмски уметности, Игор Митрески, поранешен фудбалски интернационалец и репрезентативец на Македонија, д-р Александар Петров, доктор на науки, дипломиран машински инженер, м-р Александар Крстевски, докторант на Економски факултет-политичка економија, м-р Љубе Маркоски, магистер за стратегиски менаџмент на мали и средни бизниси
„Ова не се луѓе од старите политички шеми. Ова се луѓе кои не се дел од компромитираните кругови на минатото, туку гласници на новото време. Тие се доказ дека Движењето ЗНАМ не гради кадри за позиции, туку тим за промени“, рече Мемов.
За генерален секретар на Движење ЗНАМ е реизбран Горан Минчев, дипломиран економист, актуелен министер за јавна администрација, за потпретседатели на партијата беа избрани Павле Арсоски, доктор на историски науки, генерал-мајор во пензија, актуелен пратеник во Собранието на РМ, Весна Бендевска, дипломиран психолог, актуелен пратеник и потпретседател на Собранието на РМ и Борче Серафимовски, Факултет за меѓународна економија и администрација, актуелен државен секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
За Организациски секретар е избран Сашо Петрушевски, дипломиран машински инженер, а за Претседавач на Централниот одбор е избран Игор Филков, дипломиран правник, актуелен министер за правда.