СДСМ со задоволство го одбележува завршувањето на експресниот пат низ Фаришката клисура – капитален инфраструктурен проект кој беше над 90% реализиран во времето на владата предводена од СДСМ, соопштија од опозициската партија, откако денеска премиерот Христијан Мицкоски со министри и директори го објави пуштањето во употреба на овој пат.
„Овој патен правец, долг 10,2 километри и вреден над 33 милиони евра, е еден од најсложените проекти на оваа траса, со изградба на два тунели, 21 мост, вијадукт, галерија и други клучни конструкции – сите завршени со над 90% во мандатот на СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ, по цела година власт, се слика на отворање на пат за кој само санираа едно свлечиште, поставија сигнализација и неколку огради. Толку. Но, најважно од сè – граѓаните од Прилеп, Битола, Ресен и целиот Пелагониски регион конечно добиваат современ и безбеден патен правец, важен за транспортот, економијата и секојдневниот живот. СДСМ, како одговорна партија, инвестираше сериозно во патната инфраструктура: експресниот пат Градско – Дреново, реконструкцијата на Плетвар, патот Прилеп – езерото, автопатот Прилеп – Битола како дел од Коридорот 10д. Тоа се реални резултати од нашата посветена политика за подобра инфраструктура и подобар животен стандард за сите“, велат од СДСМ.
Од таму додаваат дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ нема ниту еден свој проект и промовира само проекти на СДСМ.
„Прашањето е што ќе прави кога ќе ги промовира сите проекти на СДСМ?“, велат од партијата.