Фудбалскиот клуб Ливерпул ја отфрли понудата на Баерн Минхен за колумбискиот интернационалец Луис Дијаз.
„Скај Спортс“, објави дека раководството на англискиот шампион му соопштило на спортскиот директор на Баерн, Макс Еберл, дека Дијаз не е на продажба. Не е познато колку понудил Баерн за играчот на Ливерпул.
Британските медиуми потсетуваат дека раководството на Ливерпул ја отфрли понудата на Барселона за Дијаз пред неколку недели.
„Ливерпул не сака да разгледува никакви понуди за Колумбиецот. Пораката е јасна, тој не е на продажба. Дијаз се вклопи совршено во тимот на Ливерпул и неговиот придонес ќе биде клучен во наредните сезони“, објави „Скај Спортс“.
Дијаз (28) пристигна во Ливерпул во 2022 година од Порто. Тој одигра 148 натпревари за клубот од „Енфилд“ и постигна 41 гол.
Колумбискиот фудбалер има договор со Ливерпул до 30 јуни 2027 година.