Познатиот бодибилдер Рони Колман (61), еден од најголемите во историјата на спортот, се наоѓа во болница поради инфекција на крвотокот.
Иако првично самиот Колман преку социјалните мрежи ги уверуваше своите следбеници дека неговото здравје не е сериозно загрозено, семејството наскоро излезе со нови, загрижувачки информации.
Колман требаше да присуствува на настан во Велика Британија, но во последен момент го откажа поради „мали здравствени потешкотии“. Неколку дена подоцна, неговото семејство објави дека Рони всушност се соочува со сериозни здравствени проблеми.
„Рони е префрлен во специјализирана медицинска установа за да добие највисоко можно ниво на здравствена грижа. Во моментот се лекува од инфекција на крвта и се наоѓа под постојан, интензивен медицински надзор“, стои во соопштението.
Семејството на Колман ги замоли сите фанови да се информираат исклучиво преку официјални канали и овластени претставници. „Иако состојбата останува комплексна, има охрабрувачки знаци на напредок. Неговиот медицински тим работи неуморно за да го поддржи неговото закрепнување. Во овој момент се прават клучни проценки и третмани, а Рони продолжува да се бори со препознатливата сила и истрајност што го дефинираат.“
„Благодарни сме за огромната поддршка и љубезност што ги покажуваат фановите, пријателите и целата заедница. Ве молиме продолжете да мислите на Рони и да се молите за неговото оздравување. Нови информации ќе бидат споделени веднаш штом бидат достапни, преку официјални извори“, соопшти семејството.
Кој е Рони Колман?
Рони Колман е жива легенда во светот на бодибилдингот. Осумкратен шампион на "Mr. Olympia", тој стана симбол на сила, дисциплина и бескомпромисна посветеност. Во 2016 година беше примен во Меѓународната спортска Куќа на славните.
Во текот на својата кариера беше познат по тоа што внесуваше до 6.000 калории дневно, а тврдел дека телесната маст му изнесува само 0,33 проценти — нешто што лекарите јавно го негираа како медицински невозможно.
Пред да стане професионален бодибилдер, Колман работел како полицаец. На почетокот од оваа година се појави на јавен настан, а вниманието го привлече фактот што веќе не може да оди самостојно и користи штаки.