Путин разговараше со Трамп: „Нема да се откажам од своите цели во Украина“

Макфакс

03/07/2025

20:05

288

Големина на фонт

а а а

Претседателот на САД, Доналд Трамп, и рускиот претседател, Владимир Путин, разговараа по телефон речиси еден час за војната во Украина, при што двајцата изразија подготвеност да бараат решение преку преговори, објави советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков.

За време на разговорот, Трамп повторно го отворил прашањето за брзо завршување на војната во Украина, но Путин јасно ставил до знаење дека Русија нема да отстапи од своите цели, вклучително и, како што рекол, отстранување на причините што довеле до конфликтот.

„Нашиот претседател нагласи дека Русија ќе ги постигне целите што си ги поставила, а тоа е да ги елиминира познатите причини што доведоа до сегашната конфронтација“, рече Ушаков.

Путин му ги презентирал на Трамп и деталите за неодамнешниот договор со Украина за размена на затвореници и загинати војници и ја изразил подготвеноста на Москва да продолжи со преговорите со Киев.

Ушаков нагласи дека рускиот став е дека мировните преговори за Украина мора да се водат исклучиво меѓу Москва и Киев, без трети страни.