[ВИДЕО] Мицкоски: Дочекавме во 21 век на талибански начин да се брише македонскиот јазик и идентитет

Макфакс

03/07/2025

13:08

2.838

Големина на фонт

а а а

По објавите на бугарските медиуми дека трите најголеми политички сили во Европскиот парламент (ЕП) се согласие од извештајот за напредокот на земјава да се отстранат термините „македонски јазик“ и „македонски идентитет“, премиерот Христијан Мицкоски вели дека бришењето за нас е исто како и обидите да се стави придавка пред јазикот и идентитетот.

„За нас е подеднакво лошо и тоа што се брише од извештајот македонски идентитет и македонски јазик исто како и да стоеше модерен. Буквално е подеднакво лошо. Но она што е важно е да се напомене дека оној мал чекор кога помина на комитетот и македонски јазик и македонски идентитет ќе остане во колективната меморија дека за првпат некогаш помина македонски идентитет и македонски јазик во главниот град на Европска Унија, Брисел, во седиштето на европската демократија, Европскиот парламент“, рече премиерот Мицкоски.

За него, со ваквото усогласување уште еднаш се покажа и се докажа, на јавна сцена дека не се работи за само неколку стотини Бугари во Уставот, туку е многу, многу подлабоко. Тој побара да се извинат сите кои досега убедуваа дека ако само се смени Уставот, нема да имаме проблеми.


„Сега сите тие кои манипулираа во минатото, сите оние кои не убедуваа дека само да го смениме Уставот и готово, сите наши проблеми ќе бидат решени, треба да излезат пред македонските граѓани и да им се извинат. И не само пред македонските граѓани, туку и пред вистинските добронамерници кои доаѓаат од надвор, не од Македонија. И политичари и личности кога им велеа дека само ова да се реши и завршена е работата, дека не ја говореа вистината или поим немаа од водење политика. За жал оние егзибиции кои седум години се случуваа кај нас дома, тука, не доведоа во една ваква ситуација“, рече премиерот Мицкоски.

Иако се двоумеше дали да го употреби, сепак бришењето на македонскит јазик и идентитет од извештајот премиерот рече дека е направено на талибански начин.

„Има еден збор да го употребам, не би сакал да го употребам, но ќе го употребам, ќе одам чекор понапред – на талибански начин се брише македонскиот идентитет и македонскиот јазик од извештајот во Европа. Тоа го дочекавме како народ во 21 век. Ете тоа го дочекавме. Тоа ни го направија Бујар Османи, Димитар Ковечевски, Бојан Маричиќ и останатите“, вели премиерот Мицкоски.


Бугарските медиуми денес објавуваат дека на барање на Европската народна партија (ЕНП), трите најголеми партии во Европскиот парламент – ЕНП, Прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите (С&Д) и Обнова се согласиле да ги отстранат термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на нашата земја оти темите за идентитетот и јазикот немаат место во извештајот за напредокот на земја што аплицира за членство во ЕУ. Извештајот треба да се гласа на пленарната седница на Европскиот парламент на 8 јули, а бугарските европратеници очекуваат поддршка од мнозинството за овој амандман.

Владата во мај, годинава, како голема победа на македонската дипломатија го претстави спомнувањето на македонскиот јазик и идентитет на четири места во извештајот за напредокот на земјава. Уште една победа нашата Влада прогласи кога нацрт-извештајот помина на комисија без измени и покрај барањето на бугарските европратеници пред македонскиот идентитет и јазик да стои зборот „сегашен“.