Муцунски на отворањето на Амбасадата на Казахстан во Скопје: Силна потврда кон продлабочување на билатералните односи

Макфакс

04/07/2025

19:22

147

Големина на фонт

а а а

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска присуствуваше на официјалното отворање на Амбасадата на Република Казахстан во Скопје.

Тој ја поздрави минатогодишната одлука на Казахстан за отворање резидентна амбасада во нашата земја и изрази уверување дека овој чекор ќе придонесе за поинтензивна дипломатска комуникација и соработка.

Осврнувајќи се на досегашната билатерална динамика, Муцунски нагласи дека отворањето на резидентните амбасади – македонската во Астана во 2014 и казахстанската во Скопје во 2025 година – претставува силна потврда за посветеноста на двете држави кон продлабочување на односите и зближување на народите и културите.

„Отворањето на резидентната амбасада на Казахстан во Скопје е пријателски и позитивен чекор кој, без сомнение, ќе придонесе за подинамична и поструктурирана билатерална соработка. Тоа е јасен израз на заемната заложба за зајакнување на политичките односи, без оглед на географската оддалеченост. Нашите амбасади во Скопје и Астана се клучни двигатели на оваа визија, да го поттикнуваат дијалогот, да разменуваат перспективи и искуства и да соработуваат во справување со заедничките предизвици“, истакна Муцунски.

Во контекст на одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Казахстан, министерот посочи дека двете земји ја потврдуваат подготвеноста за унапредување на политичката соработка, билатерално и во рамки на меѓународните организации, како и за интензивирање на економската и трговската размена и развој на секторска соработка во сите области од заемен интерес.

„Оваа триесетгодишнина не е само повод за одбележување, туку и можност за проширување на нашата билатерална агенда. Во време на зголемена глобална меѓузависност, вредноста на стратешките партнерства и суштинската соработка е поважна од кога било. Во тој дух го одбележуваме денешното отворање на Амбасадата на Казахстан – чин што ја зацврстува нашата дипломатска поврзаност и отвора нови можности за соработка“, додаде Муцунски.