Пратеникот Игор Здравковски од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска изјави дека со започнувањето на амандманската расправа за ребалансот на буџетот, Владата демонстрира зголемена финансиска дисциплина, раст на приходите и пренасочување на средства кон клучни сектори.
„Со ребалансот обезбедуваме 800 милиони повеќе за плати, 2,5 милијарди повеќе за пензии, 300 милиони денари дополнително за капитални инвестиции,“ рече Здравковски.
Тој нагласи дека значителни средства се наменуваат и за младите, образованието и инфраструктурата.
„Во образованието ќе се слеат 2 милијарди денари за изградба и рехабилитација на кампуси, студентски домови и училишта,“ додаде тој, притоа потенцирајќи дека проектот „Купи куќа за млади“ добива „дури 111% повеќе средства“.
Во делот на јавниот транспорт и инфраструктурата, според Здравковски, се предвидуваат дополнителни 307 милиони денари за локални патишта и зголемени средства за железничка инфраструктура. Исто така, за здравствени установи се одвојуваат 237 милиони денари за изградба, реконструкција, модернизација и дигитализација.
Осврнувајќи се на амандманите од опозицијата, Здравковски изјави дека тие се резултат на „безидејност или едноставно, хронично незнаење“, бидејќи предлагале амандмани за проекти кои веќе биле предвидени со ребалансот.
„Опозицијата наместо да ги поддржи овие реформски чекори, тие преку амандмани се обидуваат покажат вештачка грижа за некој поен плус, па меѓу другото, предлагаат измени за локалните предизвици во Кочани, кои се таложеле во нивното седумгодишно владеење. Период кога не мрднале ниту со мал прст за да сменат нешто на подобро,“ рече тој.
На крајот, Здравковски додаде дека Владата, со поддршка од Собранието, веќе подолг период работи на решавање на проблемите на граѓаните, вклучително и во делот на социјалната политика, како што се зголемување на бројот на вработени во градинките и изградба на нови домови за стари лица.