Топлотниот бран што денес ја погоди Грција ќе донесе температури близу или над 40 степени Целзиусови низ поголемиот дел од земјата.
Олеснување од интензивната жештина во Грција не се очекува до четврток, соопшти Националната метеоролошка служба (EMY).
Највисоките температури ќе се почувствуваат во грчките региони на Тесалија, Епир и западниот копнен дел од земјата, каде што се предвидува дека живата ќе достигне од 38 до 40 степени Целзиусови, објавува „Екатимерини“.
Источните копнени области и Пелопонез ќе имаат малку пониски максимални температури од 37 до 39 степени Целзиусови, додека температурите на Јонските острови ќе се движат до 36 степени.
Властите соопштија дека високите температури го ставиле енергетскиот систем во состојба на висока готовност и дека интензивниот топлотен бран го зголемува ризикот од локални прекини во снабдувањето со електрична енергија поради преоптоварување на мрежата.
За да се задоволи побарувачката навечер, кога производството на сончева енергија се намалува, мрежата се поддржува со дополнителни 870 мегавати од новата централа на природен гас на „Мотор Оил-ТЕРНА“ во Комотини, североисточна Грција, која сега е во пробна работа, а лигнитните централи на ППЦ во Агиос Димитриос и Птолемаида 5 ќе се активираат по потреба.