Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека Владата води активна и отворена политика кон привлекување инвестиции и градење економски развој базиран на стабилност, доверба и поддршка за стопанството.
На средба со Советот за странски инвестиции, составен од претставници на водечки компании кои веќе имаат присуство во земјава, Мицкоски посочи дека Македонија се наоѓа во нова фаза на економска консолидација и раст.
„Подаваме рака и на домашните и на странските инвеститори. Не само декларативно, туку суштински, низ институционална поддршка, предвидливи правила и директна комуникација. Проблемите ги решаваме заедно,“ изјави премиерот.
Тој истакна дека во првиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,2 отсто, а извозот во периодот јануари–мај е зголемен за 3,15 отсто, додека увозот бележи раст од само 1 отсто. Индустриското производство во мај бележи раст од 9,4 отсто во однос на истиот месец лани.
Дополнително, трговскиот дефицит е намален за околу 80 милиони долари во април и мај, што претставува намалување од 13 проценти. Мицкоски потсети и дека минатата година бил постигнат рекорд со странски директни инвестиции во износ од 1,255 милијарди евра.
„Ова е поинаква слика од онаа која ја затекнавме. Некогашната влада не се бореше за инвестиции – се бореше за провизии,“ рече тој, обвинувајќи ги претходниците за економски застој и изгубени можности.
Премиерот најави активни разговори за нови инвестиции во автомобилската индустрија, ИТ секторот, логистиката и агро-преработката, како и можни царински олеснувања за извоз на македонски производи на американскиот пазар.