Минчев: Воведуваме нов, функционален систем за управување со човечки ресурси

Макфакс

07/07/2025

14:54

193

Големина на фонт

а а а

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска на презентацијата на модернизираниот Информациски систем за управување со човечки ресурси (ИСУЧР), упати јасна порака дека владеењето на нефункционалност, нетранспарентност и бирократски хаос завршува. Македонија влегува во нова ера на ефикасна и отчетна администрација.

„Денес не претставуваме само софтверско решение, денес презентираме симбол на одлучност, на трансформација и на нова култура на управување во јавниот сектор. Ова е вистинска разлика меѓу претходната пракса на запуштени системи и оваа влада која испорачува резултати,“ – порача министерот Минчев.

ИСУЧР беше речиси нефункционален, користен од помалку од 100 институции од вкупно 1.400, со застарена технологија и без државна сопственост врз кодовите.

„Тоа беше систем што не служеше на никого, освен на оние кои профитираа од неговата нефункционалност“ – рече Минчев.

Тој истакна дека денес, благодарение на политичката волја на Владата, на поддршката од премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии, Гордана Кочоска Димитровска и со посветена работа на тимот на Министерството за јавна администрација, ИСУЧР е целосно обновен, функционален и, за првпат, во целосна сопственост на државата.

Сите институции во јавниот сектор ќе го користат ИСУЧР целосно бесплатно, без скриени договори или надворешни зависности.

Системот е безбедносно унапреден, со интегрирани функции за:

•     Централизирана пресметка на плати,

•     Дигитално управување со човечки ресурси,

•     Мобилност и кариерен развој во реално време,

•     Интероперабилност со УЈП, АВРМ и Централен регистар.

ИСУЧР нуди директен пристап на секој вработен до своето електронско досие, со сите податоци за плати, обуки, оценувања и напредувања. Тоа значи крај за загубени документи и дискрециони третмани.

„Со оваа модернизација на системот, Македонија штеди милиони евра, го елиминира ризикот од корупција и го воведува принципот на системска отчетност. До крајот на 2026 година, сите 1.400 институции ќе бидат интегрирани во системот. Едно решение. Еден систем. Една држава. Тоа е патот до стабилност, ефикасност и европски институционален модел.“ – истакна Минчев.

Дополнително нагласи дека секој вработен во администрацијата ќе помине задолжителни обуки за користење на новиот систем, а на располагање ќе има и видео-упатства и техничка поддршка. Системот ќе се ажурира на секои шест месеци, согласно реалните потреби и технолошкиот напредок – првпат во историјата на македонската администрација.

„Ова не е само техничка надградба. Ова е реформа со резултати. Ова е разликата меѓу претходната и сегашната Влада. Претходните импровизираа – ние реализираме.

Претходните тонеа во хаос – ние градиме институции.“

Со ИСУЧР како срце на јавна администрација, Министерството за јавна администрација испраќа јасна порака дека граѓаните заслужуваат институции што работат за нив, праведно и транспарентно.