Министерството за здравство информира дека синоќа во кругот на Клиничката болница „Др. Трифун Пановски“ – Битола, избил пожар како резултат на запалена сува трева.
Како што извести Министерството, пожарот веднаш бил пријавен во Центарот за управување со кризи и противпожарната станица, по што надлежните служби навремено интервенирале и бил локализиран во најкраток можен рок.
„Од страна на болницата беа преземени сите неопходни мерки за заштита и следење на ситуацијата. Нема никаква материјална штета врз болничките објекти, ниту е загрозена безбедноста на пациентите и вработените. Работата на болницата се одвива непречено.
Интервенцијата траеше кратко и беше целосно завршена без потреба од евакуација или дополнителни безбедносни мерки“, соопшти МЗ.
Министерството за здравство континуирано ја следи состојбата во сите јавни здравствени установи.