Недоволниот буџет и застојот во инвестициите го поткопуваат здравствениот систем, покажува ревизијата

Макфакс

08/07/2025

11:16

139

Големина на фонт

а а а

Државниот завод за ревизија објави дека 23 програми за здравствена заштита во 2023 година се реализирале со недоволни средства, што резултирало со нарушена ликвидност на јавните здравствени установи, недостиг на лекови и слабости во контролите.

Дополнително, капиталните проекти, вклучувајќи ја изградбата на нови клинички центри, се соочиле со долгорочни застои и финансиски импликации кои влијаат на квалитетот и достапноста на здравствените услуги за граѓаните.

За овие утврдени состојби, неправилности и неусогласености, Државниот завод за ревизија издаде неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи, како и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и политики.

Во 2023 година, за 23 здравствени програми биле обезбедени 5,3 милијарди денари, што не било доволно за навремено подмирување на обврските кон јавните здравствени установи. Притоа се евидентирани:

Во Програмата за лекување ретки болести, биле обезбедени лекови за околу 235 пациенти со трошок од 878 милиони денари, но не е спроведена евалуација на ефектот од терапиите, а недостигот од ажурирани податоци довел до слаба контрола на дистрибуцијата.

За инсулин и медицински помагала за пациенти со дијабетес биле потрошени 917 милиони денари, но не се реализирале предвидените превентивни активности, а податоците од „Мој термин“ не биле усогласени со извештаите од установите.

Програмата за рано откривање на малигни заболувања во 2023 година реализирала 22,9 милиони денари, но без јасно дефинирани индикатори, со низок опфат и доцнење во резултатите од скринингот.

За задолжително здравствено осигурување биле планирани 3,1 милијарда денари, но не се исплатени 1,5 милијарди денари за последните пет месеци, поради недоволен буџет и пораст на платите. Ова ја нарушило исплатата кон јавните здравствени установи.

Во Програмата за заштита од ХИВ биле потрошени 89,3 милиони денари, од кои 17 милиони за ангажирање здруженија, но без утврдени критериуми за избор и со слаба поврзаност меѓу мерките и буџетот.

Во делот на капиталните инвестиции, ревизијата нотира:

Проектот за изградба на Општа болница Кичево се соочил со долгорочни одложувања, значителни трошоци и ризик од дополнителни трошоци поради судска постапка во тек.

Проектите за нови клинички центри во Скопје и Штип, започнати во 2015 година со заем од CEB, сè уште не се завршени. Компонентата за Скопје е откажана, а за Штип договорот е раскинат, по што се покренати арбитражни постапки за отштетни побарувања во вредност од 45 милиони евра. Од заемот од 97 милиони евра, неповратно се повлечени 83,4 милиони евра.

Ревизијата дополнително укажува:

Градежните работи на ЈЗУ „Св. Еразмо“ – Охрид и Градска болница Струмица, започнати во 2015 и 2016, се завршени над 90%, но објектите сè уште не се во функција, поради пролонгирани рокови, анекси на договори, поскапувања и судски постапки. Одложувањето достигнува речиси 10 години.

Опфатот со вакцинација на населението е од 56,3% до 87,7%, со намалување по 2020 година, поради недоверба во вакцините и одложувања.

Во рамки на клучните ревизорски прашања, анализиран е и статусот, кадровската екипираност и финансирањето на Единицата за имплементација на проектот за нов клинички центар.

На проектната сметка остануваат неискористени средства од 8,4 милиони евра, од кои 6,01 милиони се од наплатени банкарски гаранции, а 2,4 милиони се повлечени, но неискористени средства од кредитот. Се укажува и на неизвесност околу идните трошоци кои ќе треба да се покријат од овие средства.

Дадени се препораки до надлежните институции за преземање на мерки за подобрување на состојбите.