ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски ја туркаат државата во економски хаос – инфлацијата вртоглаво расте, животот станува се поскап, стандардот на граѓаните од ден во ден се влошува, обвини Јована Тренчевска, пратеничка на СДСМ.
Според неа, Македонија се наоѓа во нов, длабок бран на економска нестабилност.
„Последните податоци за раст на инфлацијата на годишно ниво од 4,5 % се резултат на погрешните економски политики на Владата, за што ги плаќаат граѓаните. Во секој сектор статистиката бележи раст – трошоците за храна и безалкохолни пијалаци во јуни 2025 споредено со јуни 2024 се зголемиле за 6,3 %, облека и обувки за скоро 3%, за 2% на годишно ниво се зголемле трошоците за сметки, за 3,2% трошоците за здравствена заштита се зголемени и така натаму… И ова не се само бројки – тоа е директен удар врз секое семејство, секој дом, секој граѓанин. Една година беше доволна да излезе на виделина неспособноста,неодговорноста и целосната негрижа на Владата на ВМРО ДПМНЕ за граѓаните“, рече таа.
Тренчевска рече дека Македонија и понатаму е на дното во Европа по стандард и дека просечниот македонски граѓанин има само 42% од животниот стандард на ЕУ, Србија и Црна Гора се пред нас.
„Минималната плата нема да се зголеми, просечната плата стагнира, но затоа функционерските плати се зголемуваат. Владата нема пари за повисоки плати за работници, но не се откажува од луксузот на скапи патувања, милиони потрошени на ПР и кампањи, и возење со приватни авиони. СДСМ и во најголемите кризи, ковид пандемијата и енергетската криза, ги зголеми и минималната и просечната плата, со правилни мерки го заштитивме стандардот на граѓаните. Обезбедивме тројно повисока социјална помош, раст на пензиите, милијарда евра поддршка за компаниите – тоа се мерки за реална помош и грижа за граѓаните и стопанството. Цела година континуирано предупредуваме на растечкиот тренд на инфлацијата и дека се потребни конкретни мерки. Сега повторно апелираме владата да преземе итни мерки за заштита на стандардот на граѓаните и да ги покачи платите на работниците“, рече Тренчевска.